Студентката Евгенија Дивитрова за ЦНЦ машината со која изработи и донираше 250 визири доби второ место на натпреварот Макинова; – Дивитарова беше меѓу студентите наградени за 4 Ноември, Денот на ослободувањето на Битола.

Студентката иноваторка од Битола Евгенија Дивитарова, која досега изработи неколку ЦНЦ машини, а со последната направи и визири кои ги донираше, го освои вторто место на 41. Меѓународен натпревар за иновации – Макинова. Натпреварот се одржа онлајн од 8 до 10 ноември , а во организација на Сојузот на пронаоѓачи и автори на технички унапредувања на Македонија и Народна техника. Дивитарова се пласира на второ место во силна конкуренција од 77 учесници, од кои 13 од странство.

„Се претставив со продолжение на последната ЦНЦ машина која има широка примена во различни области, конкретно за време на почеткот на ковид пандемијата овие машини беа едни од најбараните за изработка на визири. Исто и со мојата машина, па изработив над 250 визири кои беа донирани на различни места: во болницата, аптеките, администрацијата, приватни стопанственици“, вели Дивитарова.

Таа уште од средношколските денови изработува ЦНЦ машини за кои има добиено многу награди, меѓу кои и Златна плакета на еден од изминатите натпревари на Макинова. Самата ги смислува софтверите, ги дизајнира и конструира деловите од машината на која се врши гравирање на текст, фотографии, па дури и уметнички дела. Резбата за која се потребни по неколку денови, а понекогаш и месеци за рачна изработка, машините кои таа ги прави ќе ја изгравираат за три до четири часа. Текст пак, за десет до 15 минути.

Дивитарова се натпреварувала во различни области, па има добиено над 30 дипломи , многу медали, плакети. Иако размислуваше да студира во странство, поради пандемијата со ковид-19 остана во Македонија. Денес студира на Факултетот за информатичко-комуникациски техологии и мисли дека и тука има многу добри факултети каде студентите можат да стекнат големо знаење.

Таа смета дека стопанството треба повеќе да ги поддржува младите талентирани ученици и студенти за да им се обезбедуваат можности за нивен развој и напредок.

Ж. ЗДРАВКОВСКА

Sdk.mk