„Кафе на ливада ми е најубаво, собирам печурки, од шипинки ќе правам ликер, јарците се најопасни пред парење, а имав посетителка и од Јужна Кореја“, се само дел од прекрасните работи што ни ги раскажа Давид за животот во селото Раштак.

Давид Неделковски е 30-годишно момче кое од Скопје се преселило во селото Раштак за со своето семејство да чува кози. Овој храбар потег, на кој многумина гледале скептично, за него испаднало дека е најдобрата животна улога.

Тој го напуштил градот и сега живее во духот на природата со сите дарови кои таа ги нуди. За животот во Раштак и плановите за иднината проговоривме со инспиративниот Давид:
Пред колку години одлучи да му кажеш збогум на урбаниот живот во Скопје и да се преселиш во Раштак?

Пред речиси цела деценија одлучивме јас и моите родители да се преселиме од Скопје, да одгледуваме кози и да произведуваме козји млечни производи. Изборот за село Раштак не е случаен, од таму сум по потекло, дедо, прадедо …Зошто Раштак е село кое треба да го посети секој?

Раштак се наоѓа на околу 12 км од Скопје, има јавен градски превоз, асфалтиран пат и богата биоразновидност, од дрвата најзастапен е дабот од каде што го добило и името, даб, храст – храстово дрво кое се менувало со текот на времето.

Покрај дабот застапен е и јасен, габер, бука, леска, дрен, костен, слива, шипинка, капина, трнинка, папрат, глог, диви крушки и јаболка, куп различни треви, билки и габи.

Колку жители има селото? Како ве прифатија староседелците?

Селото брои околу 500 активни куќи, а сè почесто запознавам и нови жители кои го пронашле својот спокој во Раштак и неговата природа. Со оглед на тоа дека по потекло сум од Раштак и голем дел од детството го поминував тука се познавам со соседите, се разбираме и почитуваме.

Иако на почетокот од нашава одисеја некои гледаа со презир и беа скептични дали ќе издржиме.

Како изгледа еден твој работен ден? Сега се движиме кон крајот на сезоната на млеко, а со тоа се намалуваат и обврските. Се будам околу 8:30 пиеме турско горко кафе со неколку цигари и се качуваме на молзење, додека молзиме козите добиваат појадок, а потоа излегуваме на прошетка, додека козите ги јадат желадите кои паднале во текот на ноќта.

Уживам и дегустирам од сирењата и млечните експерименти со некоја префинета пијачка, но за жал тој дел брзо ми поминува, потоа се прибираме во шталата и козите одат на спиење, а јас обично читам нешто што ми е од интерес.

Колку кози одгледувате во моментот и што подразбира нивната нега? Во моментов стадото брои околу 80 грла, што кози, што јариња за приплод и секако 3-те јарци Џип, Дизел и малиот Козјак. Покрај козите тука се и трите кучки Бура, Маша и Меда, кои се значајна алка во одгледувањето на добиток, имаме и 3 мачиња кои живеат со козите и ни го разубавуваат секојдневието.

Одгледувањето на добиток само по себе подразбира грижа, односно посветеност и одговорност. Се работи за живи суштества кои сакаат комуникација, здрава храна, чиста вода, кров над глава, комоција, да спијат на суво и чисто.

Колку повеќе време поминувате заедно со козите, толку е поголема довербата и поразбирлива комуникацијата, нема тајни. Те посетуваат ли пријателите често? Организираш ли туристички тури? Да, често ме посетуваат пријателите, се охрабрија повеќе последниве години, сега дури и ми недостасува самотијата на моменти.

Прекрасни се тие прошетки со пријателите, паузи со убав поглед, мезење и галење со козите.

Што се однесува до сферата на туризмот официјално сме дел од Genuine Experiences – платформа за автентични туристички искуства, но сè уште не сме официјално започнати, бидејќи работата на фармата не е за потценување, а не смееме никаде да попуштиме, работиме на случајот.

Минатата година организиравме отворен ден на фармата со цел да им доближиме на луѓето за комплексноста и патот до конечен производ, а тука многу ни помогнаа Slow food Macedonia и Slow food Vodno каде што и членуваме и му препорачувам на секој да се запознае со нивната филозофија.

Досега од најдалечна дестинација на посета ми беше една девојка од Јужна Кореја, со нескриен восхит помина 2-3 дена, за првпат виде кози, проба капини, дренки, тазе вргањ и секако од нашите млечни производи.
Чај во ливада или макијато во кафуле?

Трик прашање, па добро, не сум имун на урбаните навики, покрај чај знам и фармерско нес да си подготвам со млеко од централа, топло, ладно, какао со цимет или салеп, не сум фан на макијато, но ми недостасува еспресо, мало до горе, без шеќер.

Уште додека егзистирав во Скопје ми беше напорно да седам во кафуле и да се придржувам како до некаков кодекс на однесување, повеќе сакав да седам на отворено, никој да не ме служи и никого да не малтретирам, на ливада ја имам баш таа слобода, можеш да си легнеш, да се наместиш како ти е најкомотно, а притоа да не изгледаш чудно.

Кога ќе ми се посака толку многу одам кај другар ми Зајче во Old School, таму ми е така комотно, деновиве ќе се симнам, ми се припи еспресо.
Покрај козите, собираш печурки, шумски плодови? Колку работата ти претставува задоволство? Би можел ли да се замислиш 8 часа во канцеларија?

Плодовите ги собирам од задоволство и предизвик, се стремам да обезбедам слободно време, па потоа да му дадам функција, фондот на билки и печурки од година во година се зголемува, сега чекам да фати првиот мраз, па да собирам трнинки и шипинки за да подготвам ликер, природата е дарежлива и навистина е пријатно да се живее во склад со нејзе.

Ми се стемни од замислата 8 саати во канцеларија, завршив со тоа поглавје, сите мои планови се поврзани со Раштак.