Поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски си поднесе оставка од функцијата Секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата на Владата и на стратешки проекти. Рашковски утрово на својот фејсбук профил го објави писмото со датум од 12 април кое го доставил до премиерот Зоран Заев, во кое ја образложува оставката.
„Кога политиката ќе стане погласна од природните науки, тогаш работната атмосфера станува непогодна за некој кој е научен во сè да ја бара логиката. Вистината нека се провери преку институциите. Нема затскривање позади функции“ стои во писмото на Рашковски до Заев.
Професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Рашковски беше избран за генерален секретар на Владата на Заев во јуни 2017, а оставка си даде во октомври 2020. Потоа, со владина одлука, на средината на ноември беа воведени три нови позиции „секретар“ и уште три „помошник-секретар“. Рашковски беше назначен на функцијата Секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на владината програма.
Неговото име се поврзуваше со низа скандали. Најпрво беше објавено дека додека бил генерален секретар на Владата набавил софтвер за сообраќајни прекршоци од 81.000 евра кој никој не го користи. Потоа среде пандемија замина на двонеделен одмор во Мексико. Пред два дена емисијата „360 степени“ објави дека Рашковски вози џип од 78.000 евра кој не му е пријавен во анкетниот лист, а вчера телевизија „Алсат“ објави дека Рашковски во селото Побожје, Скопска Црна Гора почнува да гради луксузна хациенда.
Антикорупциската комисија вчера најави дека ќе ги испита овие случаи.
На 18 март Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори предмет по допрен глас во врска со набавката на софтверот за „определување на просечна брзина на возилата во сообраќајот и изрекување казни“, што лани додека беше на функција го набавил поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски за 81.000 евра. Софтверот и по осум месеци откако е испорачан, не е во функција, а според Рашковски, треба да биде дел од системот „Безбеден град“ што МВР наводно планирало да го надгради за да може да изрекува казни преку видеонадзор.
На 9 април Обвинителството изврши претрес во фирмата.
Откако министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски објави дека МВР си спроведува јавни набавки за таков софтвер во рамки на друг проект наречен „Безбеден град“, а поранешниот технички министер Наќе Чулев истото го потврди, премиерот Зоран Заев кажа дека сигурно набавката била за потребите на институциите, не ѝ текнало на Владата да набавува таков софтвер туку-така.