Поради пандемијата на коронавирусот, се зголемил бројот на граѓани кои бараат стручна помош кај психолозите.

Ги има од сите возрасни групи и се охрабруваат да се обратат кај психолог. Ова го потврдува м-р Адмир Косоврасти, специјализант по медицинска психологија, родум од Дебар кој беше ангажиран на подрачјето на Дебар и Центар Жупа, додека беа во карантин. Психологот вели дека доколку имаат одредни проблеми, граѓаните не треба да се срамат или да се двоумат да побараат стручна помош. Сама по себе пандемијата е предизвик.

„Се наоѓаме во предизвик веќе подолг период, каде што духот на некој начин ослабнува и се исцрпува, но во оваа ситуација менталното здравје и органското како и во многу случаеви се испреплетуваат, односно се во функција еден на друг, или како што вели еден непознат автор дека епидемиологијата е барем 50% психологија, бидејќи не секогаш е важно како се однесува вирусот, важно и битно е како се однесуваат луѓето и колку ние сме спремни да придонесеме за заедницата и здравствениот систем во справување со пандемијата. Секој поединец има своја улога и одговорност во справувањето со колективната кризна мултипла состојба. Споделувањето за чувствата и доживувањата, физичката блискост со најтесното семејство, социјална блискост со физичко дистанцирање со пријателите и сите оние кои ве прават да се чувствувате позитивно (а секако и вие да бидете причина некој да се чувствива позитивно), сето тоа придонесува за што полесно надминување на целокупниот контекст и негативното влијание од вирусот, кој секако ќе има крај и нема да трае цела вечност“, вели Косоврасти.

Како „новото нормално“ ќе се одрази врз поединецот, зависи во голем дел од него.

„Секоја новонастана ситуација која има негативен карактер несомнено е дека влијае и врз менталното здравје. Дали некоја индивидуа ќе развие симптоми за некој психолошки ентитет зависи пред се од личните карактеристики или нејзините капацитети и стратегии за справување со стресорот, од силината на стресогениот настан, генетските предиспозиции и секако факторите од средината. Секој стрес или траума не е само прост збир од некои случувања и искуства, туку е исто така и отсуство на љубов, сигурност, доверба, чувство на припадност и поврзаност. Доколку западнеме во некоја психолошка нелагодност не е срам ниту пак слабост да се побара стручна помош, соодветна и навремена интервенција секогаш е од корист во постигнување на благосостојба и хомеостаза“, додава психологот.

Објаснува дека тоа што има зголемен обем на работа за психолозите било очекувано. Додава дека има и телефонски линии каде засегнатите можат да се обратат за помош.

„Случаевите за жал се во пораст што на некој начин е и за очекување. Во овој контекст би напоменал дека Клиниката за психијатрија со сите свои ресурси и кадровска екипираност на ниво на целата територија на државата пружа соодветна психијатриско-психолошка помош и поддршка во правец на подобрување, унапредување и грижа за менталното здравје на секој поединец на кого му е неопходна, со отварање на телефонски линии за сите возрасни категории. Исто така и Гешталт институтот од Скопје како општествено одговорна образовна институција нуди бесплатна психолошка помош и поддршка за сите граѓани кои сметаат дека имаат потреба од истата. И за крај сакам да споделам до сите дека не сте сами во целава приказна, наше е да издржиме, да си помогнеме да бидеме сплотени и одговорни со максимално почитување на мерките и протоколите за заштита и во блиска иднина сите заедно повторно му се радуваме на животот и да продолжиме со нормалните текови на живеење“, вели Косоврасти.

Македонија со месеци се бори со коронавирусот. Последната седмица имавме над 400 и над 500 заразени на дневна основа, а имаше и денови со по 10, па и 12 починати. Оваа состојба ги загрижува граѓаните кои едвај чекаат работите да се вратат во нормала, како пред пандемијата.
Faktor.mk

error: Content is protected !!