Долгото чекање за резултатите од повеќето тестови за коронавирусот во САД се чини целосно бесмислено и неуспешно, изјавил Бил Гејтс за CNBC.

Повеќето тестови за вирусот корона во САД се целосно бесмислени, затоа што луѓето треба да чекаат долго за резултатите, посочи американскиот милијардер и филантроп. Повеќето резултати се чекаат повеќе од 48 часа, а ваквото тестирање е целосно промашено, смета Гејтс.

Американскиот претседател го посочи зголемувањето на обемот на тестирање за вирусот корона во САД, за што, како што забележува Трамп, целиот свет би можел да и завидува на оваа земја. Сепак, времето кое е потребно за да се добијат резултатите е предолго за да се запре ширењето на вирусот, според CNBC.

Лабораториите низ целата земја заостануваат во издавањето на резултатите од тестот за вирусот корона, како резултат на зголемувањето на бројот на пациенти. Голем број пациенти ги чекаат резултатите неколку дена до една недела, објавено е од двете најголеми лабораториски компании за дијагностика во земјава.

Просечното време на чекање за резултатите од тестот е над два дена за пациенти со најголем приоритет, соопшти компанијата Quest Diagnostics, додека за сите други надминува седум дена.

Бил Гејтс посочува дека тестовите чии резултати се чекаат повеќе од три дена, понекогаш и до седум, не треба да чинат ниту еден долар.

„Тоа е безврска“, рече тој.

Основачот на „Мајкрософт“ посочува дека е неопходно да се направат приоритети и членовите на сиромашните слоеви на општеството кои се изложени на најголем ризик треба да добијат резултати во рок од 24 часа.

Несоодветното тестирање за вирусот корона ги спречи напорите да се спречи ширењето на инфекцијата во земјата, бидејќи првиот случај беше потврден во јануари. Опсегот на тестирање, во меѓувреме, се прошири на над 738.585 тестови на ден, онолку колку што беше во јули според анализата спроведена од CNBC, значително повеќе отколку во април, кога бројот беше над 174.000. Сепак, проблемот со чекање на резултати сè уште спречува тестирањето да го постигне својот целосен ефект.

Надлежните институции упорно го бранат тестирањето во земјата. Министерството за здравство вели дека просечно време на чекање за резултатите е малку повеќе од четири дена за PCR тестови, како и дека постојат брзи тестови кои можат да дадат резултати во само неколку минути, но кои не се толку сигурни.

Во Соединетите држави, скоро 4,5 милиони луѓе се заразени со вирусот од почетокот на пандемијата на корона, додека над 150.000 луѓе починале како резултат на КОВИД-19.