Што повеќе ги препишуваме антибиотиците, толку повеќе ги губиме. Антибиотик треба да се даде кога има барем сомневање или доказ за бактериска инфекција, советува д-р Никола Пановски.

Во рамките на Светската недела на имунизација тој одржа онлајн предавање на тема „Рационална употреба на антибиотици во време на ковид пандемија“.

„Има илјадниици случаи каде се препишуваат различни антибиотици за ковид дури и кај асимптоматски случаи. Голем дел од нашите пациенти добиваат симптоми мислејќи дека им се од ковид, а тие всушност им се од голема доза антибиотик“, истакна професорот.

Според него, Фондот за здравствено осигурување губи пари поради ваквата практика, која како што вели Пановски, треба да биде спречена.

„Народски кажано, докторите препишуваат антибиотици за да не му се спушти вирусот на пациентот на белите дробови, но антибиотикот тоа не може да го спречи. Кај нас веќе стана стандардна двојната доза Сумамед. Немаме контрола, ситуацијата е вонредна и никој не ги контролира лекарите кои во услови на голема паника така се покриваат себеси, а не пациентот“, забележува проф. д-р Пановски.

Тој посочува дека ова се случува затоа што има доктори кои лекуваат по телефон.

„По телефон може да се дадат витамини или суплементи за да се зајакне имунитетот. А кога превентивно давате кортикостероиди и антикоагуланси тогаш тоа е пример за отруен пациент. Во тој случај нема да знаеме што претставува последица од болеста, а што последица од лековите“, предупредува Пановски.