Членови на семејства на пациенти и нивни блиски роднини на социјалните мрежи ги споделуваат своите искуства во битката со Ковид 19.

Дел од граѓаните сведочат дека нивните најблиски преживеале голгота за да стигнат до болнички кревет, а големо внимание предизвика и објавата на ќерка која раскажува дека нејзината 76-годишна мајка починала во болнички ходник додека во тешка состојба чекала да биде хоспитализирана во „8ми Септември“, но оттаму им било кажано дека слободни кревети нема, оти се чувале за помлади пациенти.

Други сведочат дека пациенти со часови чекаат во амбулантни возила за да бидат сместени во некој од Ковид центрите, бидејќи нема слободни места.

По ваквите наводи на социјалните мрежи министерот Филипче побарал Државниот здравствен и санитарен испекторат да изврши вонреден инспекциски надзор за утврдување на возраста на пациентите хоспитализирани во ГОБ „8 Септември.

Министерот телефонски разговарал и со директорот на болницата Христијан Костов кој негира дека пациенти се враќаат назад.

-Костов појаснил дека пациент не може да биде вратен, единствено може да биде препратен во друг ковид центар доколку во ГОБ „8 Септември” нема слободен кревет, а додека пациентот чека да биде пренесен во друга болница, му се прават потребните анализи и со амбулантно возило се носи во ковид центарот каде има слободен кревет за да биде хоспитализиран, информираат од МЗ.

Од Брзата помош велат дека досега не се случило пациенти да чекаат долго време во болничко возило.

Од министерството за здравство информираат дека вкупно 470 пациенти со КОВИД- 19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка.

Во болниците низ земјава во изминативе 24 часа е пријавено дека се лекуваат вкупно 821 пациент. Од министерството информираат дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.

Во текот на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла, тврдат од здравство.