Професорот на Медицинскиот факултет, Никола Пановски смета дека е подобро да се затворат плажите, бидејќи задолжителното носење маска не се почитува.

Моментално сум на плажа во Охрид. Има 600-700 луѓе. Маски носат само келнерите и персоналот. Има два-тројца што ја носат под брада. Никој друг не носи маска – изјави д-р Пановски за Телма.

Според него, протоколите мора да бидат сменети, бидејќи прописите што се носат, како што е тој за задолжително носење маска на плажа, мора да бидат логични.

Подобро да ги затворат плажите отколку да кажат дека луѓето ќе седат на плажа со маска 3-4 часа на 40 степени. Тоа е мачење. Никој со здрав разум не би го направил тоа, да седи со маска на плажа. Значи, по охридските, а веројатно и по останатите плажи, маски не се носат, бидејќи е тоа невозможно – рече професорот.

Тој укажува дека вирусот многу слабо се шири на отворено, особено ако има дистанца. Вели дека е потребен многу близок контакт кој трае подолго и тоа со луѓе кои не живеат заедно за вирусот да се пренесе.