Готвачкото ТВ шоу „Брза кујна“ за кратко време стана едно од најпопуларните телевизиски емисии од ваков формат. Натпреварувачите секојдневно се менуваат, водителките повремено, ама главните ѕвезди останаа исти: шеф Никола и шеф Марк!

Двајцата врвни готвачи и забавувачи се неизоставен дел врз чија кулинарска умешност, вештина и знаење, ама и смисол за хумор и забава се темели шоуто, па затоа без било кој од нив нема ни добра храна, ни добра забава!

И додека шеф Никола Мишковски пред две години ова време вплови во брачните води правејќи едноставна забава за најблиските, за шеф Марк де Јонг сите „знаеја“ дека е во брак“ со неговата македонска избраничка Василка Димовска… Арно ама, работите стоеле малку поинаку!

Шеф Марк и неговата Василка, викендов решија и официјално да стапат во брак… Ковид протоколите за свадби иако попуштија, сепак шеф Марк и Василка се решија за „скромна“ семејна свадбена веселба со најблиските роднини и пријатели, која ја одржаа на едно од најелитните скопски гастромномско-вински локалитети.

А свадба не е свадба без младоженец и невеста, па затоа младоженците се потрудија да не го „пропуштат моментот“: Тој во свечен костум со китка на реверот, таа во бела невестинска венчаница со бидермаерот в рака… Младоженците пред матичарот се заколнаа на вечна љубов, па првите секунди од ветувањето и официјалниот брак, како што е редот, ги зачинија со сочен свадбен бакнеж!