Епидемилого д-р Жарко Караџовски гостувајќи на интервју на МРТ изјави дека моменталната ситуација со болеста тој ја најавил уште пред неколку месеци на прес конференција кога кажал дека таа се шири на јужната хемисфера, и дека иако новиот бран подранил, тој не ги фатил неподготвени во Комисијата.

„Факт е дека есенскиот бран со болеста подрани, но не е точно дека ние не бевме подготвени“, изјави епидемилого д-р Жарко Караџовски во интервју за МРТ.

Како „виновници“ тој ги посочи граѓаните кои неодговорно се однесувале цело лето бидејќи како да подзаборавија на болеста и одеа на забави и одмори.

„Луѓето во август и септември започнаа да одат на одмор, започнаа да одат на журки, забави, одмори… Плажите во Охрид беа преполни“, вели Караџовски.

Тој потенцира дека Комисијата никогаш не дала дозвола да се организираат вакви настани.

„Моментално ни се случува непочитување на мерките, не се носи маска, не се почитува дистанцата за време на кафе-разговорите и на се тоа ќе додадеме свадбите и погребите“, дециден е Караџовски.

Во однос на свадбите и погребите вели дека доколку ние знаеме 1 или 2 на кои не се почитувале мерките, тој знаел 10 пати повеќе такви случаи.

„Прават свадби за кои велат дека не се свадби туку домашни прослави. Седнуваат во кафана, на различни маси, се издаваат посебни сметки и на крај тоа станува свадба“, изјави Караџовски во интервју за МРТ.

Додава дека е разочаран од населението и лицата кои требало да покажат пример како треба да се однесува за време на кризата.

„Ние се наоѓаме во критична фаза, од која не може да се вратиме назад, во време кога апелиравме да се почитуваат мерките“, изјачи Караџовски.