Лекарите и медицинските сестри на Малта денеска се заканија со штрајк поради тоа што најавените четири големи музички фестивали би можеле да бидат голем ризик за ширење на новиот коронавирус.

Помеѓу најавените фестивали е и „BPM Festival“ на електронска музија од 11 до 13 септември. Фестивалите би требало да привлечат илјадници странски туристи во август и септември.

Медицинското здружение на Малта најави дека ќе ги затвори сите клиники и ќе ги советува лекарите да ги одложат сите вонболнички интервенции во државните болници ако не се откажат фестивалите.

Синдикатот на медицински сестри и акушерки претходно ѝ постави ултиматум на Владата да ги откаже планираните настани и го обвини премиерот на Малта, Роберт Абел, дека ги избрал „алчните претприемачи“ пред животите на ранливите луѓе.

И фармацевтите најавија штрајк ако не се откажат фестивалите.

Малта укина дел од рестриктивните мерки во јуни и јули, а Абел изјави дека земјата е „отворена за бизнис“. Но, забележан е пораст на заразени лица со COVID-19 по забавата што траеше цел викенд.

Бројот на активни сличаи во Малта денеска порасна од 10 на 150, а повеќе од половината инфицирани односно 85 се мигранти кои биле спасени на море.

Малтешкиот министер за здравство, Крис Феарн, вчера објави нови рестрикции за настаните на кои има повеќе од сто луѓе, но новите правила не ги смирија противниците на фестивалите.