Вкупната вредност на Интервентниот план за инвестиции ИПИ 2021-2027 изнесува повеќе од осум милијарди евра, порача премиерот Зоран Заев при денешната презентација во Владата.

Најголем дел од нив, како што кажа, се приватни инвестиции или грант донации од ЕУ, концесии, јавни приватни партнерства, или се заедно вкупно 4,2 милијарди евра. За следните пет години најави голем број на инвестиции во ски-центри, енергетиката, патната, железничката и гасната инфраструктура, капацитети за преработка на отпад, како и најмалку 30 странски инвестиции во вредност од 654 милиони евра во блиска иднина на повеќе локации во земјава со голем број нови работни места.

-Наши државни пари од сопствен буџет, а дел од кредитните линии коишто се потпишани се повеќе од 3,8 милијарди евра, што значи заедно надминуваме осум милијарди евра инвестиции, прецизира Заев.

Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција изјави дека германскиот ланец маркети „Лидл“ ќе инвестира 300 милиони евра во Македонија.

– „Лидл“ ќе вложи 300 милиони евра во Скопје. Првата инвестиција ќе биде во откупно-дистрибутивниот центар во Скопје. Ќе отвори и неколку маркети во Скопје и уште во седум други градови, рече Заев.

Премиерот нагласи дека „Лидл“ ќе има обврска и да откупува македонски производи и да ги продава во регионот.