Во тек е голема сезонска лудост. Земјите од Европа и од Балканот имаат проблеми со недостигот на сезонска работна сила. Само на Јадранот исчезнале над 60.000 работници. Колкава е побарувачката за овие работници најдобро покажува рекордниот број огласи, а не е занемарлива ниту заработката – за одредени професии оди и до 3.000 евра.

Според проценките на туристичкиот сектор, само во Хрватска ќе има недостиг од околу 60.000 сезонски работници. А како што пишува Вечерњи лист, платите никогаш нема да бидат повисоки. Готвачите се нудат од 2.500 до 3.000 евра, а келнерите од 1.200 до 1.500 евра месечно.

Бидејќи меѓу домаќините нема заинтересирани, најголем број работници доаѓаат главно од Индија, како и од поранешна Југославија.

Недостигот од сезонски работници е видлив и во Европа. Проблем како да се пополнат сезонските работни места имаат и Германија, Хрватска, Италија, Австрија, бидејќи сезоната се враќа годинава без ограничувања. Најбарани сезонски работници во Европа се продавачи, келнери, готвачи, собарки и други профили во угостителството.

Не само Хрватска има голем недостиг од сезонска работна сила. Германија годинава бара околу 50.000 странски работници, Австрија околу 40.000… Сигурно е дека овие земји се голема конкуренција во однос на привлекување работници, што покажува и податокот дека регионалниот базен на работна сила, регионот кој го опфаќа Босна и Херцеговина, Србија и Македонија веќе е практично празна и сè потешко е да се дојде до работници од овие земји.

Во Италија за време на Велигден и пролет годинава поради зголемениот прилив на домашни и странски туристи ќе има недостиг од околу 50.000 работници во областа на туризмот. Тешкотиите за наоѓање кадар во Италија сега стануваат посериозни во обновувањето на туризмот, особено во областа на Ромања, Сицилија и Сардинија.

Само на виенските компании ќе им требаат 55.000 квалификувани работници во следните три до пет години. Резултатот од анализата на потребниот образовен кадар покажа дека побарувачката го опфаќа целиот образовен кадар: од занаетчии, преку високи училишта, до технички и други факултети.

Истражувачкиот институт Макам Рисрч испитал 925 виенски компании, кои вработуваат 80.000 луѓе. Речиси една петтина од бараните квалификувани работници се поврзани со – занает.

Истовремено, виенските компании на почетокот на новата година вработиле 20 отсто повеќе практиканти во споредба со лани. Побарувачката за дипломирани студенти на техничките факултети и универзитети, како и на универзитетите, останува висока.

„Потрагата по квалификувани работници е еден од најголемите предизвици за стопанството. Побарувачката е зголемена уште повеќе. Главната цел е да се преземат мерки кои брзо и долгорочно ќе го решат недостигот на квалификувана работна сила“, изјави Валтер Рук, претседател на Стопанската комора на Виена.