Конститутивната седница на новиот парламентарен состав ќе се одржи во вторник на пладне под посебни протоколи поради корона вирусот и во друга собраниска сала – Голема купола. Седницата ќе се одвива според протоколи и критериуми што се утврдени во претходна координација со претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Жарко Караџовски, за да се намали ризикот од евентуално ширење на заразата од коронавирусот.

По илинденските празници партиите најавуваат дека ќе почнат неофицијалните разговори околу формирање нова Влада.

Премиерот и потпретседател на СДСМ, Оливер Спасовски очекува наскоро да биде формирана новата Влада од страна на СДСМ. Ги оценува како небулозни обвинувањата од страна на опозицијата за купување пратеници, потенцирајќи дека ќе нема нови избори.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека за време на изборниот процес власта вршела директен поткуп на гласачите.

Тој вели дека не би го изненадило и доколку на есен се случат нови предвремени парламентарни избори ако не успеат ниту тие ниту СДСМ, ниту друга партија да формира Влада. -Ако никој не успее да формира влада не ја исклучувам можноста за нови предвремени парламентарни избори наесен, рече Мицкоски.

Демократската унија за интеграција пак очекува покана од СДСМ за формирање на ново парламентарно мнозинство веднаш по конституирањето на Собранието, вели високиот партиски функционер Бујар Османи во интервју за косовската телевизија Т7, прене Алсат. Но, во исто време, Османи не исклучува и коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

Гласините за ротација на позицијата Османи ги нарекува „коментари на аналитичарите“, иако како партија не би имале ништо против за таквата идеја. Османи рече дека нивниот предлог за премиер е симболичен.

-Една од паролите на кампањата беше Зошто да не, така што Зошто да не? Сè е можно. Во случајот со премиерот, симболиката е поважна отколку практичниот аспект. На овој начин се кршат табуата на нееднаквост во оваа земја. Мислам дека институциите се ослободуваат, рече Османи.

На предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15-ти месецов, СДСМ освои 46 пратенички мандати, ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, коалициајата АА и Алтернатива 12, Левица два и еден ДПА. Конечните официјални резулати од изборите беа објавени на 25 јули, кога Државната изборна комисија им ги додели уверенијата на новоизбраните пратеници.