Македонскиот кларинетист кој живее во Шведска, Благој Ламњов, со албумот „Носталгична љубов“ успеа да ги стопли срцата на публиката ширум светот. Но, скромниот велешанец не се однесува како да направил светски успех, особено откако „Сербез Донка“ ја свиреше со оркестарот од Шведска „Норшепинг“. Вели дека во создавањето на новите верзии на македонските изворни песни едноставно го водело срцето, како и за многу нешта во животот, неговиот пат од Велес, преку Скопје до Малме каде што сега живее. Ламњов има интересни животни приказни кои на возбудлив начин ги раскажува. Една таква, убава и топла е за човек од Скопје, кој останал во болница 32 дена борејќи се со коронавирусот, а токму музиката на Ламњов била негова надеж дека ќе истрае во тешката борба. За својот живот и за тоа на кој начин им ги разубавува животите на многу други луѓе, Благој ни раскажа во ова искрено интервју.

*Раскажете ни го накратко вашиот пат од Велес до Шведска. Да речеме дека некој за првпат слуша за Благој Ламњов, како би се претставиле себеси?

-Бев 19 години кога од Велес се преселив во Скопје и почнав на факултетот за музичка уметносот. До тогаш веќе ги имав посетено Шпанија, Франција, Италија, Сицилија, Полска, Унгарија, и други вкупно 15-тина земји низ Европа. Кога од Велес се преселив во Скопје, сфатив дека тој потег сум го направил бесмислено, поради тоа што сите така правеле. Но за моја среќа, на време се разбуди мојата заспана визија и ентузијазам, така што две години покасно, првиот ден од трета година не се појавив на факултетот во Скопје туку тој ден го дочекав во Шведска, на универзитетот Лунд, од почеток, студент во прва година.

*Каде живеете во Шведска точно, и на кои професионални ангажмани сега сте им посветени?

-Мојот дом во Шведска е во градот Малме. Оваа пролет свирам за операта на Малме и за една циркуска компанија од Стокхолм. Предавам и во приватно музичко училиште. Го спремам и мојот втор албум “Nostalgic Love 2”. Помагам и на млади музичари од Македонија кои побарале совети од мене.

– Како настана албумот „Носталгична љубов“, преработките на македонските традиционални песни кој постигна светски успех?

-Да бидам искрен, постојат неколку причини. Прво, одлучив да направам стил на музика кој ќе го слушаат луѓе кои никогаш претходно во животот неможеле ниту да замислат да слушаат кларинет во кола или дома или на своето работно место. Луѓе кои едноставно не уживале во кларинетот. Сакав да му откријам на народот едно ново лице на овој инструмент. Исто така, начинот на кој јас сето тоа го свирам ми помага да ја кажам мојата тајна некому, да кажам што чувствувам. Јас кога ја правам музиката не размислувам на сала полна со публика туку замислувам една личност што е дома до мене и ме гледа додека јас ѝ свирам со затворени очи. Таа креативна скривница во која влегувам крие многу тајни и ми помага во креативниот процес.

Албумот за сега редовно го слушаат неколку илјади луѓе, а јас се трудам да допрам до бројка од неколку милиони.

*Бевте ли скептик кога го создававте, во смисла на тоа дека Швеѓаните и воопшто пошироката публика нема да го разбере, дека „Сербез Донка“ која некако најмногу се истакна од тој албум нема да „им легне“ на Швеѓаните како на нашите луѓе?

-Јас искрено воопшто не размислував за резултатите по издавањето на „Nostalgic Love“, ниту пак имав некаква маркетинг стратегија пред издавањето на албумот. Го правев за себе и за најдрагите луѓе во мојот живот, а потоа и за секој кој ќе посака така речено да го конзумира албумот поради било која причина. И ете, таа искреност се слуша во целиот албум и допре до луѓето на кои им е потребно некакво засолниште од се што ни се случува. Самиот слушател влегува во таа замислена скривница и интимна просторија полна со емоции каде што сфаќа дека некој на овој свет му ги разбира чувствата. И ете, две години откако се појави албумот јас сè уште добивам пораки/писма од луѓе кои споделуваат со мене што доживуваат слушајќи го „Nostalgic Love“. Тоа ми го зацврстува ентузијазмот и ми дава енергија да продолжам. Очигледно е позитивното влијание што му го поклонувам на ова општество, а со тоа си помагам самиот себе во одредени носталгични моменти.

*Сепак, „Сербез Донка“ ја свиревте со „Норшепинг“ оркестарот од Шведска, како реагираа музичарите на неа, и вооптшто на целиот албум?

-Бев многу среќен кога ги видов насмевките на музичарите после нашата прва проба. Исто беше и наредниот ден на концертот. Тие насмевки ги одговорија сите мои прашања кои си ги имав јас во себе.

Ме радува фактот што сериозни симфониски оркестри во светот излегуваат надвор од својата комфорна зона и репертоарот го збогатуваат со други стилови на музика за одредени концерти во една сезона. Оркестарот на „Норшопинг“ е еден од тие оркестри.

*Вашата музика делува и како лек, неодамна изјавивте дека ви пишал човек кој бил заболен од коронавирусот, бил долго во болница и вашата музика му помогнала психички да истрае. Раскажете ни ја ве молам оваа приказна.

-Така е. Имам добиено повеќе писма во кои слушатели на мојот албум “Nostalgic Love” споделуваат со мене што чувствуваат кога го слушаат и како им помага. Таква беше и приказната на еден господин од Скопје, човек кој покасно дознав дека има ислушано безброј албуми (домашни и странски) и кој ја чувствува моќта на музиката која е створена од искрените чувства на музичарот. Добив имеил од него во кој ми објасни дека 32 дена останал во болница борејќи се со вирусот и приметил дека слушајќи го “Nostalgic Love” неколку часови на ден се смирувал и добивал надеж и сила за да ги мине деновите. Тоа мене лично ми дава енергија и го зајакнува мојот ентузијазам за да продолжам со спремањето на вториот албум. Во писмото ме пофали и смета дека сум му дал друга димензија на кларинетот.

*Вие сте ризница на интересни приказни, една од нив споделивте на својот Фејсбук профил, како во родниот Велес самите сте инсистирале да ве казнат затоа што сте шетале без маска…

Така беше. Ако ми дозволите би ви открил се што напишав на тој мој пост на Фејсбук. Беше вака:

Крај на Декември, 2020. Улиците беа празни, времето благо дождливо. Беше 23:20 часот. Ја извадив маската која ја носев непрекинато сè до таа вечер.

Таа вечер улиците беа празни и немав потреба да се штитам од никого. Се шетав низ Велес, сам. Немав дојдено дома точно една година. Таа прошетка низ Велес ми беше потребна.

На тротоарот под поранешно „Тарантино“ сè уште беше отворена една пекара и една трафика. Не ни забележав од каде излегоа и ми пријдоа двајца млади полицајци.

Едниот од нив многу културно ми се обрати: “Добровечер господине” и дојде блиску до мене. Јас возвратив исто така културно: “Добровечер. Те молам држи дистанца” , му реков. Тој: “Знаете ли зошто ве заправме?” Јас: “Знам. И слободно направи го тоа што треба да го направиш.” Тој, културно и малку срамежливо: “Барем да ја ставевте маската кога ме видовте…” Јас: “Не те видов. Но сепак не ја носам за да не добијам казна туку ја носам за себе. Вечерва немаше потреба, празни се улиците. Но ти направи ја казната. Јас направив прекршок”.

Ме гледаше неколку секунди и молчеше. Му ја дадов личната карта. На глас го прочита моето име и пак продолжи да молчи. Мислам дека се плашеше да ме казни, а тој негов страв ми помогна да сфатам до каде далеку отишле капиталистичките мафиози во државата штом дојде време полицијата да се плаши.

Јас повторно ја прекинав тишината и му реков: “Заврши си ја твојата работа, не се лутам воопшто. Крив сум. Не се срами.” Се согласи да ме казни.

Човекот цели 8 минути ги пополнуваше хартиите, искривен надолу над фрижидер за сладолед пред една трафика. Раката му измрзна пишувајќи, пропушти други луѓе кои поминаа без маски во тие 8 минути, и најтажното: се срамеше од мене. Бев малку лут, но не кон него туку кон оние кои ги завземале одговорните работни места, фотељите од кои треба да произлегуваат паметни одлуки. Во тој момент сфатив дека нема ништо поопасно од крајно неодговорен човек кој седи на крајно одговорно работно место и му штети на целото општество. Го испратиле човекот, млад културен полицаец, да пишува казни користејќи примитивен метод од пред 200 години. Пополнува листови хартија речиси 10 минути за казна од 10 евра.

Ми објаснија дека со листот хартија треба да чекам ред во банка наредниот ден, да платам, па потоа да отидам во полициска станица за да ја покажам уплатницата дека сум ја платил казната. Тоа е истата процедура како што била пред неколку стотици години во времето на кадиите и кметовите.

Се срамеа и ми се извинуваа. Ми ја вратија личната карта, си посакавме добра ноќ и се разделивме. Продолжив по празните улици низ Велес на кои преовладуваше убава тишина, убав звук од дожд и, ѓубре.

– Кажете ни нешто повеќе за вашиот живот во Шведска, за Швеѓаните како народ, за она што ве прави среќен кога не работите, за вистинските животни вредности кои ги негувате..

-Јас сум човек кој претпазливо одбира на што и на кого ќе се восхитува. Така ги учам и сите мои ученици и сите кои побарале совети или час по музика од мене. Дали ќе се восхитуваме на слика со скапа кола или ќе се восхитуваме на капа и шал сплетени од некој кој ни е драг, зависи од нас. Грижливо и со љубов сплетената капа е повредна од сите пари на светот. Погледнете какви прекрасни инфлуенсери постојат на социјалните мрежи кои нè учат на овие работи, но постојат и такви кои прават штета во ова општество поради тоа што креираат лош менталитет и лоши навики кај луѓето кои оставаат долготрајни последици врз целото општество (тие самите знаат кои се). Да бидеме паметни и да не се натпреваруваме меѓу себе, да не бидеме жртви на мрачната пропаганда. Дали ќе купам џемпер направен во Кина или ќе купам џемпер сплетен од мојата другарка со грижа и љубов, зависи од мене.

А што ме прави среќен кога не работам. Обожавам да гледам детски серии како 5+ Фамилија и Дајте музика. Обожавам да скијам, тренирам карате и по некогаш играм кошарка. Сакам кога некој ми чита./ZenskiMagazin