Македонецот Џим Ристевски од Порт Кембла, кај Сиднеј, роден во Австралија пред 46 години, син на Нада и Никола од Мариовско, татко на три прекрасни деца, неодамна му подари живот на малиот Јаков од Кочани. За една недела ги собра потребните 50.000 долари. Неговата приказна ја објави Вечер Можеби некој ќе се сети кога се случија големите поплави во 2016 година дека на малиот Ведран Велиновски од Крива Паланка, кој ги загуби своите најблиски, некој му подари 10.000 долари. Тоа бил Ристевски, а и подоцна тој бил организатор на фандрејзинг иницијатива наменета за реконструкција на медицинското училиште д-р „Јован Калаузи” од Битола.

За себе вели дека е потомок на селани од ридовите на Мариово.

– Можам да замислам како ја напуштиле Македонија качени на магаре. Мојот дедо пристигнал во Австралија во 1965 година. Мојот покоен татко пристигнал со бабами и тетка ми во 1969 година. Татко ми и тетка ми оделе на училиште во Македонија. Мојот дедо е од Скочивир, баба ми е од Петалино. Од страна на мајка ми, мојот дедо бил од Зовиќ,а баба ми била од Гнилеш. Израснав во Порт Кембла, град на работници со челик кои напорно работеа во смени.Роден сум во типично семејство на имигранти. Цела наша поширока фамилија од 30 луѓе живееше заедно, а јас спиев само во нечии раце, бев како златно дете. Во основно училиште од 30 ученици само Натали Грини, Тања Адамс и Шејн Лојд беа од Австралија,другите сите 27 беа Македонци, ни рече.

Современ бизнисмен, со бизниси кои ги шири и надвор од Австралија, успешен, авантурист кога се во прашање туристичките патувања, извонредно интелигентен, со јасно доминатна изразена карактерна особина- човек кој сака да дава на оние кои смета дека треба да им биде подобро – тоа е Џим Ристески, човекот кој не го шминка минатото, ни неговото ни на неговите предци, бидејќи знае дека тоа што сега го прави е достојно за него и дека неговите предци би биле горди

Остроумени вешт во раскажувањето Ристовски продолжи: „На училиштето не му бев особено наклонет. Бев мрзелив, спиев по цел ден, правев и ситни престаписо цел да заработам ситни, брзи пари. Дипломирав менаџмент, а сèшто научив беше од грешки и од напорна работа. Моите кумови имаа мал бизнис за доставување на сокови и ми дадоа работа сакајќи да ме тргнат од уличниот живот. Останатото е историја. Многу брзо созреав и најдов што ми е страст во животот. 30 години подоцна индустријата на пијалаци ми е уште поголем двигател во животот отколку што ми беше на почетоците”.

Успешен во работата, со визија

Сега неговата фирма дистрибуира безалкохолни пијалаци низ Австралија и тргува со брзодвижечки потрошни добра со 12 земји. Ги има правата за дистрибуција на некои поголеми брендови во Австралија и Нов Зеланд, а исто така создавал и сопствени брендови. Прославувајќи 30 години во индустријата, Џим Ристевски со братучед му го создале пијалакот Jim, Jimmy&DaJuice.

Последниве 15 години живеели работел во Кина.

– Не заработив многу во Кина, но имам прекрасни спомени и многу мигови исполнети со забава. Се смеевме со баба ми дека моето одење во Кина беше како нејзиното во Австралија, и двајцата не научивме јазик. По толку многу години и проблеми во Кина, решив да го префрлам производството во Македонија и Србија. 15 години Кинезите си играа играчки со мене, си помислив нека си играат Македонците играчки со мене нови 15 години, барем мојот народ си игра со мене, низ смеа вели.

Води и градежна компанија, заедно со неколку партнерисо кои градат над 100 домови годишно.

– Воедно, ја поседувам компанијата OutsourcetoMacedonia- која вработува македонски архитекти, лица кои се занимаваат со телефонска продажба, маркетинг итн.

Одлично зборува македонски јазик, иако на дијалект (како што зборувала баба му).

– Баба ми остана вдовица на млади години и живееше со нас. Таа ми беше најдобар другар. Таа беше во Австралија над 50 години и научи само два збора: „добро утро“ и „оди по ѓаволите“. Не ми преостануваше ништо друго освен да научам македонски јазик. Поминавме значајни заеднички години дружејќи се и разговарајќи за нејзините подеми и падови. До четиринаесетгодишна возраст таа живеела во село со три куќи, без струја, без пивка вода. Беше неписмена. Често се навраќаше и зборуваше за животот за време на Втората светска војна. За важноста на семејството и за важноста на давањето кон другите. Никогаш не сме биле богати, напротив стануваше збор за преживување и меѓусебно помагање. Ја гледав како посветено се грижи за многуте нејзини внуци. Постојано подаруваше свеж зеленчук од нашата градина и готвеше оброци на соседите во нашето маало, велејќи низ срамежлива насмевка: „Како не се научив барем некој збор енглески, тије ми зборуваја, ништо не знам да му вратам“. Од неа научив да готвам и да ја ценам македонската кујна”.

Иако е роден Австралиец, ако по делата се гледа човекот, тогаш тој е поголем Македонец од многумина кои се родени и живеат тука.
Ја сакам Македонија и сè што е поврзано со Балканот. Јас сум горд Австралиец со македонско потекло, растејќи во голема македонска заедница во дијаспората. Живеам во една од најубавите и мултикултурални земји на светот. Моите деца се четврта генерација од нашата фамилија тука. На училиште се соочуваат со истото прашање како и јас некогаш порано: „Што си ти?“Секој е од некаде. За оние луѓе кои не живееле никогаш во странство, тешко е да разберат дека иако си роден на западот, сепак потекнуваш од некаде и за среќа или за несреќа си стереотипен. Ние сме Македонци”.

Знам како е да имаш очајна мајка која бара помош

На прашањето што му е мотив да им помагана луѓе во неволја во татковината на неговите родители, тој е категоричен:„Помагам и на многу луѓе тука во Австралија. Многу сме активни во нашата локална заедница и во спортските организации. На редовна основа поддржуваме организации кои нудат поддршка на лица со посебни потреби. Едно од нив е Божикната забава Кидзвиш- огромен настан со најразлични шоуа и перформанси за 4.000 деца со посебни потреби.Кога бев млад имав некоја состојба на кожата која личеше како сипаници. За време на цело основно образование одев во училиште со долги блузи и панталони во обид да го скријам тоа.

Знам како е да имаш очајна мајка која бара помош.Знам како е да бидеш оттргнат и да те задеваат затоа што си различен.Знам како е да имаш само неколкумина вистински другари кои се тука за тебе.

Од оваа временска дистанца, сега ги жалам тие луѓе кои лошо се однесуваа со мене, гледајќи што направија со своите животи и што стана од нив.Силно верувам дека е многу важно континуирано да се дава на другите луѓе. Мојот дедо беше вистински херој, не можам ни да го замислам неговиот животен пат 60 чудни години наназад, кога немало технологија или пристап до информации како што имаме денес. Тој, со баба ми се качиле на брод и патувале цел месец на другиот крај на светот, не разбирајќи го јазикот ниту пак во што се впуштале, напуштајќи ги децата и фамилиите на многу години. Би покажал крајно непочитување да не помагам и да не бидам најдобрата верзија од самиот себе. Тој дошол во Австралија, купил куќа, го повлекол семејството, ги платил нивните долгови и починал млад. Не видел ништо од животот, како главната должност да му била само да нè донесе во Австралија”, вели емотивно.

Пред ковид-пандемијата во Македонија доаѓал три-четири пати годишно.

– Имам неколку бизнис интереси во Македонија, а мојата љубов кон македонската храна и култура само ми го олеснуваат доаѓањето. Со текот на годините се научив самиот себе како да го надоместам претходно пропуштеното спиење за време на летот. Стрико ми од Битола знае да се пошегува: „Ти три пати од Австралија се врати, а јас во Зовиќ уште немам отидено“.

Ристевски смета декамакедонските стручњаци се на ниво на светските.

– Имам вработени архитекти во Македонија кои ја разбираат подобро австралиската градежна практика од локалните архитекти.Некои од девојките кои работат телефонска продажба, продаваат повеќе производи по телефон од дечките кои физички посетуваат продавници во Австралија. Македонија има образовани и амбициозни луѓе кои се од светски калибар. Македонците тука научија за духот на заедницата. Мнозинството Австралијци сакаат да даваат, да им помагаат на другите, едноставно така живееме.

Вели дека ковид-пандемијата промени неколку работи и е возбуден што живее во овие несигурни времиња.„Пандемијата ја менува целата игра, целокупната слика и никој не знае каква ќе биде иднината. Она што е сигурно е дека ќе биде несомнено различна од нашето минато. Фасцинантно е, ќе се постави репер за образование за наредните 100 години! Нашиот начин на живот, економијата, бизнисот, сè ќе биде различно. Во последните 20 години постојано бев со куфер во рака, патувајќи по четири-пет месеци годишно и за работа и за задоволство. Ги сакам и двата аспекта во мојот живот, (пред и за време на пандемијата), бидејќи секој дел ме прави она што сум. Сега го ценам многу повеќе поминатото време со моето семејство и со оние кои ги сакам најмногу. Овие моменти создаваат прекрасни спомени, кои ги надополнуваат претходните, и се поттик за создавање уште повеќе убави моменти во иднина.

Животот во Македонија е многу убав

– Сметам дека животот во Македонија е извонреден и ни малку различен од каде било во светот. Македонија е во центарот на Европа и е одлична стартна точка за истражувања и патувања. Совршена локација за производство и извоз низ светот. Не го велам ова само тукутака, тоа и го правам. Комплетно разбирам дека просечната плата во Македонија е навистина ниска и е многу тешко да се живее на висока нога, иако познавам многу семејства и пријатели кои се над 50 години во Австралија, а живеат недела за недела и се мачат да ги платат режиските трошоци. Некогаш ваквите околности се должат на среќа, некогаш на недостиг да се проба нешто да се промени.

Мислам дека сите ние треба да посветиме дел од нашето време на едукација, дообразување и сопствено подобрување. Не поминува ден, а да не прочитам или научам нешто ново што ќе ме направи утре да бидам подобар и побрз во она што сум го правел вчера. Имам чувство дека сите ние треба помалку да се грижиме за нашите влади и политичари. Левото и десното крило во политиката се поделени насекаде во светот и секогаш има различни погледи на нештата. Нашиот Балкански регион е точка на вриење и нестабилност веќе долго време, и тоа е она што нè сочинува нас без разлика каде живееме. Ние сме лути, брзи на збор, полни со љубов, грижливи со големи срца.

Лилјана Грџо Дамовска/Вечер.мк