Бугарија нема да ѝ каже „да“ на Северна Македонија сѐ додека во преговарачката рамка не види гаранции дека Скопје ќе ги исполни сите точки од Договорот за добрососедство; Имаме надеж, остануваме конструктивни; Нема да потклекнеме на притисок… се дел од пораките кои вчера повторно ги упати бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева.

„Ние сме многу посветени на добрососедските односи, како едни со други во ЕУ, така и со земјите од Западен Балкан. За жал, Република Северна Македонија не ги ценеше нашите пријателски и добронамерни активности и ги игнорираше нашите предупредувања за непочитување на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка“, вели Захариева.

„Сепак, имаме надеж, остануваме конструктивни и отворени за дијалог дека заедно со нашите колеги од Скопје ќе најдеме излез од оваа ситуација“, вели таа.
„Ако видиме гаранции во преговарачката рамка, Бугарија е секогаш подготвена да каже ‘да‘. Но, не под притисок. Тие се надеваат на притисок. Тие навистина се надеваат, дека некој, не знам кој, Вашингтон, Берлин, ќе наложи, ќе дојде ќе ја искара Бугарија и Бугарија ќе заборави националниот интерес и ќе каже ‘да‘ без тие да направат ништо“, рече Захариева.
Партијата Алтернатива за бугарска преродба (АБВ), формирана од експретседателот Георги Прванов, остро го критикува односот на власта кон евроинтеграцијата на Македонија.

„Тоа е едно политичко решение, кое од една страна покажува дека патриотите ја спречуваат Македонија да влезе во ЕУ за да можат да си ги продаваат пасошите за европско државјанство преку Бугарија и второ, со тропањето по масата целта им е да си го зацврстат гласачкото тело“, изјави претседателката на партискиот подмладок Пламена Зајачка.
Според неа, со блокадата на Македонија, Бугарија ја блокирала и Албанија, со што политиката на Владата доживеала целосен неуспех во однос на интеграцијата на регионот за кој полна ѝ беше устата додека претседаваше со ЕУ.

Преименувањето на празникот 24 Мај со поддршка од ГЕРБ, Обединети патриоти и Волја, пак, според АБВ е давање директна основа на Македонија да празнува Ден на македонската писменост.
Citaj.mk
