Баба Олга открива дека тајната на долговечноста е едноставна – радоста, движењето и љубовта кон луѓето се најважни за долг и убав живот.
Олга Ковачевиќ, многу попозната по прекарот Бека, е неверојатна дама која неодамна изгаси дури 94 свеќички на роденденската торта, но, како што вели, никогаш не го изгубила детето во себе. Смета дека за нејзината долговечност најзаслужни се песната, играта и љубовта кон луѓето, како и едноставниот начин на живот. Секогаш наоѓа причина да се насмее, а не повод за тага.
Бека е најстарата членка на Културно-уметничкото друштво „Абрашевиќ“ во Ваљево, а многу генерации фолклористи ја паметат по нејзиниот ведар дух, неисцрпна енергија и насмевка што никогаш не ѝ исчезнува од лицето.
Но, Бека не е активна само во КУД „Абрашевиќ“ – таа е и најстарата членка на планинарското друштво „Маглеш“. Вели дека отсекогаш ја сакала природата, друштвото и песната, а токму таа комбинација ѝ дала сила да остане активна и во длабока старост.
„Од 1946 година сум во ‘Абрашевиќ’. Прво започнав со фолклор, потоа со глума, а потоа и со пеење. Инаку, пеам од мали нозе – уште од третата година“, се присетува Бека со насмевка во емисија на „ТВ Прва“.
Тогаш, на учителската забава во Домот на армијата, каде што работеле нејзините родители, првпат ги освоила срцата на публиката. „Велат дека одекнувал целиот Дом на армијата. Тоа ми беа првите аплаузи“, раскажува таа.
Од тогаш до денес, пеела во хор, настапувала на државни празници, на прослави за Први мај и на бројни настани низ цела поранешна Југославија.
Иако бројките на годините ѝ се големи, духот ѝ останал млад.
„Сѐ уште спие едно дете во мене, сѐ уште би сакала и да заиграм и да запеам“, вели таа со широкa насмевка.
Бека верува дека токму песната, играта и смеата го прават човекот жив. Нејзината енергија и оптимизам се заразни, па не е ни чудо што помладите членови на КУД „Абрашевиќ“ ја обожаваат и ја гледаат како пример.
„Песна, игра и секогаш насмеана, позитивна – таков е духот во мене“, завршува Бека за „ТВ Прва“.