„Господи Седржителу, Боже на силите и на секоја твар, Кој пребиваш на висините и ги гледаш смирените, Кој ги испитуваш срцата и однапред го знаеш сокриеното во луѓето, беспочетна и вечна Светлино, во Кого нема промена ниту сенка од менување. Ти, Единствен Бесмртен Цару, прими ги нашите молби што Ти ги упатуваме сега од нечисти усни, надевајќи се на Твојата голема милост, и прости ни ги нашите согрешенија што ги направивме со дело, со збор и со помисла, свесно или несвесно, и очисти нè од секоја нечистотија на телото и духот.

И дарувај ни со бодро срце и трезвен ум да ја поминеме целата ноќ на овој живот, очекувајќи го доаѓањето на светлиот и однапред навестен ден на Единородниот Син Твој, Господ и Бог и Спасител наш Исус Христос, кога ќе дојде Судијата на сите со слава за да му даде секому според делата негови; да не нè затекне паднати и мрзливи, туку бодри, подготвени за дела и спремни да влеземе со Него во радоста и во божествениот дворец на Неговата слава, каде што е непрестајно ликование на оние што празнуваат и неискажлива сладост на оние што ја созерцуваат неискажливата убавина на Твоето лице.

Зашто Ти си вистинската Светлина, која ги просветлува и осветува сите и сè, и Тебе Те воспева сета твар низ сите векови. Амин.“