Православните верници кои се раководат според Јулијанскиот календар вечерва ја пречекуваат Старата нова година, празник длабоко вкоренет во традицијата и духовниот живот на народот. Празнувањето продолжува утре, на 14 јануари, кога се одбележува Василица – празник посветен на Свети Василиј Велики, како и големиот христијански празник Обрезание Господово.
Во домовите ширум Македонија традиционално се крши погача со паричка. Според верувањето, оној кај кого ќе се најде паричката ќе има среќа, здравје и бериќет во текот на целата година.
Свети Василиј Велики се празнува и како домашна слава, а именден утре ќе празнуваат сите што ги носат имињата Васил, Васко, Васе, Василија, Васка и нивните изведени форми.
„По повод празникот Обрезание Господово и споменот на Свети Василиј Велики, утре во храмовите на Македонската православна црква – Охридска архиепископија ќе биде служена света Василиева литургија“, информираат од црковните кругови.
Свети Василиј Велики, родум од Кападокија, се смета за еден од тројцата најголеми црковни учители и еден од најзначајните бранители на православното учење. Покрај МПЦ-ОА, Јулијанскиот календар го почитуваат и Руската, Српската, Ерусалимската православна црква, како и монашката заедница на Света Гора.
