Православна црква и нејзините верници денес го одбележуваат Свети Теофилакт Исповедник.
Свети Теофилакт Исповедник бил епископ никомидиски. Кога првиот царски советник Тарасиј, како световно лице, бил избран за цариградски патријарх, тогаш заедно со него и од него монашки чин примиле повеќе негови пријатели и почитувачи од световниот слој.
По смртта на свети Тарасиј, на патријаршискиот престол во Цариград дошол Никифор, а набргу потоа цар станал Лав Јерменин, кој бил иконоборец и како таков предизвикал голема бура во Христовата црква.
Иако иконоборската ерес била осудена на Седмиот вселенски собор, овој цар сепак ја обновил и сакал со неа да го замени православието.
Свети Теофилакт му се спротивставил на царот, па кога овој не попуштил, му рекол: „Ќе дојде, царе, врз тебе голема несреќа ненадејно, и нема да најдеш кој да те избави од неа!“
Поради овие зборови, свети Теофилакт по наредба на царот бил отстранет од својата должност и испратен во прогонство, каде поминал триесет години, поднесувајќи многу маки и понижувања, и таму на крајот починал околу 845 година.
Православна црква го празнува на 8 март според црковниот, односно на 21 март според грегоријанскиот календар.
На овој ден обичај е луѓето да одат во црква и да се молат за здравје на себе и на своите блиски, бидејќи веруваат во чудата на свети Теофилакт и дека ќе им помогне.
