Советот на свети Антониј секој човек секогаш треба да го има на ум.
Свети Антониј Велики бил христијански подвижник кој живеел во Египет во 3. и 4. век. Се смета за татко на пустиножителството и на христијанското монаштво воопшто.
Антониј се родил околу 251 година во селото Коми, близу Хераклеја, во Горен Египет. Младоста ја поминал во Александрија. Имал богати родители кои биле побожни коптски христијани, па растел во изобилство и благосостојба. Од најрана возраст бил мирен по природа, избегнувал детски игри и дружења, претпочитајќи да останува дома со своите родители, со кои редовно одел на богослужби и сакал да му читаат поучни книги. Не посетувал училиште, па никогаш не научил да чита ниту да пишува. Кога имал осумнаесет години, му починале и таткото и мајката, оставајќи му големо наследство.
Го раздал богатството и ѝ се посветил на верата
По смртта на родителите, како постар син, требало да се грижи за домот и својата малолетна сестра. Но тој посакал да го напушти сè. Во таа одлука го зацврстиле зборовите од Светото писмо:
„Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продади го сето што имаш и подари им го на сиромашните; и ќе имаш богатство на небото.“ (Мт. 19,21)
Антониј, исполнет со Светиот Дух, буквално ги применил тие зборови врз својот живот.
Бил неверојатно мудар
Иако не бил школуван, Антониј бил исклучително мудар човек. Еднаш некој филозоф го прашал:
„Од какви книги ги црпиш знаењата за високите вистини што ги проповедаш?“
А свети Антониј, без да изусти збор, со едната рака покажал кон небото, а со другата кон земјата.
„Грците одат во туѓи земји и пловат преку мориња за да изучат науки, а нам не ни треба да одиме далеку за царството небесно, ниту да пловиме по море заради доблестите,“ рекол тој.
Еднаш кај него дошле неколку филозофи со намера да го надмудрат, знаејќи дека е неписмен. Но Антониј ги прашал:
„Што има предност — умот или ученоста? И што е причината на што: умот на ученоста, или ученоста на умот?“
Кога му одговориле дека умот има предност, Антониј им рекол:
„Сега разбирате дека човек со развит ум нема потреба од ученост.“
„Разборити не се оние што ги изучиле изреките и списи на старите мудреци, туку оние што умеат да го разликуваат доброто од злото, да го избегнуваат она што е штетно за душата и усрдно да го прават она што е корисно и благоугодно на Бога.“
Луѓето му верувале затоа што зборувал со дела
Тој објаснувал дека човек не може одеднаш да стане добар и мудар — тоа се постигнува само со труд, искуство, време и постојана желба за добри дела. Луѓето му верувале, бидејќи неговиот живот бил жив доказ за секој негов совет.
Антониј исто така учел дека човек треба постојано да се сеќава на смртта:
„Секое утро кога ќе се разбудиме, треба да мислиме дека нема да го дочекаме вечерто, а пред да легнеме, дека нема да се разбудиме. Природно е што не ја знаеме границата на животот, ниту колку ни е оставено според Божјиот промисол. Ако живееме така, нема да грешиме, нема да посакуваме, ниту ќе се гневиме, ниту ќе трупаме богатство на земјата.“
Во денешно време, кога материјалните нешта за многумина се поважни од духовните, се среќаваме со сè помалку емпатија, а себичноста расте секој ден. Вистинското богатство е да имате покрај себе луѓе кои знаат и да разговараат со вас, и да молчат, а вашата слабост да не ја користат.
Затоа свети Антониј постојано им велел на луѓето околу себе:
„Не ги откривај на сите своите мисли, туку само на оние што можат да ти ја излечат душата. Биди љубезен со сите, но нека не ти биде секој советник.“