Иако поминаа неколку месеци од нејзиното враќање во Ѓаковица, Драгица Гашиќ се уште не може да влезе во продавницата за да се снабди со основните потреби.




Таа истакнува дека, сепак, нема да го напушти својот стан и дека и е благодарна на (т.н.) косовска полиција што цело време ја чувала.
– Да не беше полиција, одамна ќе го напуштив станот – ја започнува својата приказна српската повратничка во Ѓаковица.




Таа додава дека полицијата е 24 часа пред нејзината зграда и се грижи за нејзината безбедност.
– Ништо не смеат да ми купат, велат дека не е нивна должност да ми купуваат намирници, туку да ме чуваат. Доаѓаат и ме прашуваат како сум и дали имам проблем – вели Гашиќ.




Очекувала дека по враќањето во родниот град ќе комуницира со поранешните соседи и истакнува дека погрешила во таа проценка. Поради тоа дополнително ја нарушила својата здравствена состојба, која, додава, и онака е кревка, бидејќи со години боледува од дијабетес.
– Ми треба доктор да дојде кај мене и да ме посети, да ми измери притисок и шеќер. Почнав малку да се тресам поради мојата психичка состојба, веројатно поради осаменоста и стравот. Ме убива таа осаменост и не знам кој доаѓа освен турските војници на КФОР. Доаѓаат во понеделник и четврток и со нетрпение ги очекувам – низ солзи раскажува Драгица Гашиќ.




Со храна и основни потреби и помага и нејзиниот пријател Вуксан Гојковиќ од Клина.
– Порано доаѓаше секој втор ден, сега од викенд до викенд. Никаде не работи, нема пари за гориво, бидејќи сето тоа бара трошоци. Зборуваме на телефон и ме прашува како ми е. И тој е во тешка ситуација, без плата и неговите родители се болни – рече Гашиќ.




Преку медиумите слушнала за случајот со Марија Новаковиќ од Приштина, која поднела барање да се врати во родниот град и станот кој моментално се узурпира.
– Нема да згреши ако се врати. Приштина е поинаков народ и покултурен. Ќе помине подобро од мене – рече Гашиќ.




Драгица Гашиќ е благодарна на луѓето со добра волја, кои и помагаат и ја поддржуваат. Потребни и се столчиња и маса. Со доаѓањето на есенските и дождливите денови, се појави нов проблем, бидејќи дел од станот протекува и има потреба од реновирање.
Локалната власт во Ѓаковица се уште не дозволува поставување на новата блиндирана влезна врата, која ја доби за станот, за да се осигура неговата безбедност.
