По видеото што неодамна го објави Националниот парк Галичица од репродуктивниот центар за елени, јавноста покажа огромен интерес. Снимката ги стопли срцата на многумина, но отвори и бројни прашања – како се грижат за елените, дали имаат доволно храна и колку се безбедни од ловокрадци.
Со цел да одговорат на овие дилеми, од Националниот парк денес преку фотографии прикажаа како изгледа секојдневната грижа за елените и колку труд е вложен во нивната заштита.
„Нашиот посветен ренџер Лазе, заедно со неговите помошници Јане и Кире, секојдневно е на терен. Тие обезбедуваат храна и вода, вршат редовни контроли и постојано се грижат за безбедноста и благосостојбата на елените. Резултатите се повеќе од очигледни – во 2019 година имавме околу 30 единки, а денес популацијата брои над 200 елени“, велат од НП Галичица.
Дополнително, покрај постојаното присуство на ренџерската служба, репродуктивниот центар е опремен и со видео-надзор камери, што овозможува навремена реакција и зголемена заштита.
Репродуктивниот центар за елени беше отворен во 2019 година со јасна цел – активно управување со високопланинските пасишта, заштита и обновување на популацијата на елени, како и долгорочно зачувување на биолошката разновидност во Националниот парк Галичица.
„Овој пристап придонесува за создавање здрави екосистеми, природна рамнотежа и одржлива иднина за Галичица“, истакнуваат од Националниот парк.
