Привршува реализацијата на антикризните мерки кои се директна помош на граѓаните и компаниите од четвртиот владин пакет. Во најава е дека наскоро ќе има нов, петти, но без конкретни податоци за тоа што ќе содржи и како ќе се реализира.

Додека Владата работи на креирање нови мерки кои треба да помогнат за излез од кризата, но и да се оствари планираниот економски раст од 4,1 процент наредната година, мерките кои се уште се спроведуваат се изложени на критики од јавноста, невладини организации, партии… За најпроблематична се смета мерката за исплата на 6.000 денари за одредени категории граѓани, чиј концепт се смени при реализацијата иако Владата го негира тоа, а создаде револт не само кај граѓаните кои не се, туку и кај оние кои се опфатени со неа.

Меѓу критичарите на оваа мерка е и паријата Левица која оценува дека во услови кога државата е во економски, па и во целокупен политички колапс, веројатно власта сака колку толку да ги замаскира своите погубни политики пред народот, па затоа овозможува тие 6.000 денари да се користат дури и во кеш.

-Но испадна дека тоа е само лош пиар, бидејќи оваа сума, во услови кога има толку зголемена невработеност и луѓето не знаат како ќе сврзат крај со крај, само уште повеќе го пробуди гневот кај народот, а да не зборуваме за тоа што не се опфатени сите категории. Решението не е во еднократната помош и стимулација на сиромаштијата, туку во преземање на порадикални чекори и мерки за решавање на ситуацијата. Ниту Бугарија со донација на вакцини ќе ни го реши проблемот, ниту ЕУ. Можеби е време да се свртиме кон посилни економии како што е Кина, за да отвориме пат кон системски коренити промени, велат од Левица за весникот ВЕЧЕР.

За разлика од други земји во опкружувањето во кои финансиска помош имаше за сите граѓани, кај нас се одеше на селектирани групи, повеќето етикетирани како ранливи, од кои едни директната финансиска понмош ја добија летоска, со третиот антикризен пакет, а други сега со четвртиот пакет. Најавувајќи нов пакет мерки кои ќе се подготвуваат до крајот на овој и почетокот на наредниот месец премиерот Зоран Заев не прецизира што ќе има во него и дали директната финансиска помош ќе се прошири и на други категории граѓани.