Поради нехумани услови – без струја и греење на екстремно ниски температури – околу 600.000 луѓе го напуштиле Киев од почетокот на јануари.

Наместо во топли домови, многу украински мајки со своите деца со недели ги поминуваат ноќите во шатори во Киев. Поради руските ракетни и напади со дронови врз енергетската инфраструктура, околу 80 отсто од населението во Харков остана без струја, додека жителите на Киев од Нова година се без електрична енергија и греење.

Температурите во Украина во овој период се спуштаат и до минус 20 степени, што ја прави секојдневната егзистенција речиси невозможна. Особено тешка е состојбата во станбените населби на левиот брег на Днепар, меѓу кои и Троешчина – населба со околу 300.000 жители.

По уништувањето на една од најголемите топлани во руски ракетен напад, централното греење во многу делови од градот целосно престана. Над 1.600 повеќекатници во Киев се без струја, а во некои станови температурата паѓа и до минус 12 степени.

За да им помогнат на граѓаните, украинските служби за итни ситуации отворија кампови со шатори опремени со греење и струја. Во нив луѓето не само што се загреваат, туку се собираат, разговараат, полнат телефони, а некои дури и работат. Поставени се и детски катчиња и полски кујни со топол оброк. Ноќевање е дозволено само за жени со деца.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, предупреди дека Украина се соочува со најтешката зима во последната деценија и ја повика Европската унија на поголема флексибилност и поддршка.

Војната остава длабоки демографски последици

Според анализи на американскиот Центар за стратешки и меѓународни студии (CSIS), од почетокот на војната до крајот на 2025 година се регистрирани меѓу 1,8 и 2 милиони воени жртви од двете страни. Украина претрпела меѓу 500 и 600 илјади воени загуби, што претставува сериозен удар врз нејзината демографска и економска иднина.

Комбинацијата од воени загуби, масовно бегство на населението и уништена инфраструктура создава долгорочна криза чии последици ќе се чувствуваат со децении.

Зеленски подготвен за средба со Путин

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен за директна средба со рускиот претседател Владимир Путин во рамки на мировни преговори, но само доколку таа се одржи во Киев. Од Кремљ соопштија дека таква покана формално не била упатена.

И покрај дипломатските сигнали и најавите за привремен прекин на нападите поради екстремниот студ, состојбата на теренот останува драматична, а главната цел на украинските граѓани е – да ја преживеат зимата.