Животот не бил благ кон прекрасната Миа Беговиќ. По загубата на сестра ѝ едвај се изборила со депресијата, а ниту љубовта не ѝ донела среќа. Денес таа е остварена мајка со богата и успешна кариера.
Хрватската актерка Миа Беговиќ има импозантна актерска кариера, но животот надвор од сцената не ја милувал. Настапувала во бројни театарски претстави, филмови и серии, а уште за време на студиите на Академијата за драмски уметности добивала значајни улоги. Важеше за една од најубавите жени на просторот на поранешна Југославија, па јавноста со особено внимание го следеше нејзиниот љубовен живот.
Првиот брак го склучи во 1990 година со ватерполистот Роналд Лопатни, кој претходно бил во брак со Тереза Кесовија. Нивниот брак траеше помалку од десет години, а заедно ја добија ќерката Маја Лена.
И покрај брачниот неуспех, Миа не се откажа од љубовта. Во 2004 година повторно се омажи, овојпат за претприемачот Жељко Жнидариќ. Нивната врска траеше шест години, но по судската пресуда против него за узурпација на земјиште и градба без дозволи, љубовта заврши.
„Љубовта едноставно повеќе не живее на нашите адреси“, изјави тогаш актерката.
Се шпекулираше и дека ќерката од првиот брак никогаш не успеала да го прифати Жнидариќ како татко. Иако на почетокот изгледаше дека ќе се разделат мирно, во 2012 година јавноста беше сведок на драмата околу станот во Загреб во кој живееле заедно.
Додека Миа на Костарика учествувала во реалното шоу „Сурвајвер“, Жељко ги сменил бравите на станот, поради што таа не можела да влезе. Неколку дена спиела во ходникот пред влезната врата, седејќи на куфери во кои биле спакувани нејзините работи. Облечена во фармерки, патики и црна бунда, актерката буквално кампувала пред сопствениот дом. Во таа животна драма се сопнала од куфер, ја повредила ногата и морала да носи лонгета и завои. Во тие денови со неа била ќерката Маја Лена.
Слична голгота доживеала и нејзината мајка Тереза, која по смртта на Ена била исфрлена од станот во Загреб чиј сопственик била токму Ена. Миа без двоумење ја примила мајка ѝ кај себе.
„Немоќна старица ја исфрлија на улица, не дозволувајќи ѝ ни да си ги земе лековите“, изјави тогаш Миа.
Најголемиот животен удар за Миа Беговиќ без сомнение била смртта на нејзината сестра Ена, која загина во тешка сообраќајна несреќа во 2000 година. Во автомобилот се наоѓала и нејзината едномесечна ќерка Лана, која ја доби во брак со Јосип Раделјак.
Миа и Ена биле исклучително блиски. Актерката повеќепати истакнала дека сестра ѝ била нејзин најголем заштитник, но и најискрен критичар.
„Се сеќавам, пред една премиера во која ја добив улогата на сопран, ми испрати цвеќе за среќа и ми рече: ‘Прекрасна си, а ќе запееш во рајот’. Тоа беше Ена – многу директна и духовита. Токму така најмногу сакам да ја паметам“, раскажа Миа.
Иако и денес тагува по сестра ѝ, депресијата успеала да ја победи. По сите животни удари, во 2016 година ја напиша и сопствената монодрама „Сѐ што премолчав“, на која работела цела година.
„Со настаните што од темел го променија мојот живот – најпрво заминувањето на татко ми, а потоа и на Ена – со години имав потреба нешто да кажам. Во јавноста често излегува она што јавноста го препознава како вистина, но она што навистина ни се случува и што нѐ обликува, ретко е точно артикулирано. Тоа беше мојот поттик да ја напишам монодрамата“, откри актерката.
Во повеќе наврати истакнувала дека низ животот ја водел силен инает, кој ја туркал напред и кога се чувствувала како да не припаѓа никаде.
„Сепак, мојот главен двигател отсекогаш била љубовта, а не инаетот“, заклучува Беговиќ.
Нејзината ќерка Маја Лена Лопатни дипломирала новинарство на Факултетот за политички науки во Загреб, а по студиите се преселила на Корчула, каде работи во маркетинг во еден ризорт. Таа е вистинска слика и прилика на својата убава мајка.
