Британија забрани пристигнување од сите земји на Јужна Америка, но и од Португалија, поради новиот сој на ковид-19, кој за прв пат е идентификуван во Бразил. Забраната стапува на сила утре во 16 часот.

Забранети се и пристигнувања од Португалија „поради нејзините силни врски со патниците од Бразил“, но превозниците се ослободени од одредбата.

Од неодамна, се појавија се повеќе верзии на ковид-19 што се чини дека се повеќе заразни од оригиналот што ја предизвика оваа пандемија. Тука спаѓаат британскиот сој, кој стана доминантен во поголемиот дел од Велика Британија и се прошири во повеќе од 50 други земји, потоа јужноафриканскиот сој, кој исто така е регистриран во најмалку 20 други земји, и новата варијанта од Бразил.

Научниците веќе извесно време предупредуваат дека со зголемениот број на заразени лица, се јавува се поголем број на мутации, што може да резултира со варијанта која е позаразна или поопасна од матичната.

Бразилскиот сој, како британскиот и јужноафриканскиот , веројатно е многу позаразен од оригиналната варијанта. И тоа беше формирано по мутација на протеинот spike (на израстокот). Овој протеин е еден вид клуч што го користи вирусот за да ги отклучи вратите на клетките во нашето тело и да ги нападне. Затоа, овие варијанти се поуспешни во ширењето, бидејќи полесно продираат во клетките.

Експертите сметаат дека британскиот сој,што се појави во септември минатата година, може да биде за 70% позаразен, иако најновото истражување на Агенцијата за јавно здравје на Англија (PHE) покажува дека има за 30% до 50% поголема способност за ширење. Токму оваа варијанта е одговорна за голем број нови инфекции и новите заклучувања низ Велика Британија, пишува Би-Би-Си.

Јужноафриканската варијанта се појави во октомври и има потенцијално посилни промени во шилестиот протеин од британскиот вид. Имено, овој вид има една од мутациите како британскиот, плус уште две за кои научниците веруваат дека можат да влијаат на ефективноста на вакцината.

Затоа Велика Британија воведе забрана за директни летови од Јужна Африка и ограничени летови кон таа земја.

Бразилската варијанта се појавила уште во јули, но досега не се проширила премногу на другите континенти. Неодамна е откриена кај четворица патници кои пристигнаа во Јапонија од Бразил. Има три клучни мутации во протеинот spike, сличен на јужноафриканскиот.

Вакцини се направени според претходните верзии, но научниците веруваат дека треба да делуваат и против овие понови соеви, иако постои можност за намалена ефикасност. Здравствените работници веруваат дека вакцините ќе продолжат да бидат ефикасни до одреден степен, бидејќи тие го обучуваат нашиот имунолошки систем да напаѓа различни делови на вирусот, не само оние на кои се случиле мутации.

Во тек се лабораториски студии за да се тестира дали овие нови соеви влијаат на нивото на ефикасноста на вакцините.

Kanal5.com.mk