Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) утрово издаде најново предупредување дека нè очекува поледица, со слаб до умерен мраз, а во јужните делови од земјата и поинтензивен мраз.
„Дождот ќе замрзнува на тлото“
– Денес времето ќе биде умерено до целосно облачно и малку потопло. Наутро и претпладне на северните и источните делови од Македонија повремено со слаб снег, а понекаде можнo е и слаб дожд кој во утринските часови локално може да замрзне на тлото.
Утринските температури ќе се движат од -11 до -3 степени, додека највисоките дневни ќе бидат од 1 до 7 степени.
Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен и југозападен правец, а попладне и навечер ќе го промени правецот кон западен и северозападен.
Во Скопје наутро слаб снег, во текот на денот суво. Максималната температура ќе достигне до 4 степени.
Апел поради ледени врнежи
Надлежните патни служби упатија апел до возачите поради појава на дожд кој замрзнува на коловозите, особено во повисоките и критични делови од патната мрежа.
– Апелираме до сите учесници во сообраќајот да користат задолжителна зимска опрема, без зимски гуми и синџири да не тргнуваат на пат, да возат внимателно, да ги почитуваат ограничувањата на брзината и да ја прилагодат брзината на условите на патот – се наведува во соопштението.
Од среда слабеење на утринскиот мраз, од петок засилен ветер
До петок (16.01.) се очекува суво и малку потопло време, со смена на сончеви и облачни периоди, како и постепено топење на снежната покривка.
Температурите ќе се искачат и до околу +10 степени, по што ќе следи ново заладување.
Во петок (16.01.) се очекува засилување на југоисточниот ветер, особено изразено во Повардарието.
Од сабота (17.01.) времето ќе биде умерено до целосно облачно, а на места и ветровито, со силен, повремено и бурен југоисточен ветер.
За време на викендот, во југозападните, јужните и југоисточните делови од Македонија повремено ќе има дожд, додека на повисоките планини ќе врне снег. На почетокот на следната недела врнежите повремено се очекуваат и во останатите делови од земјата.
