Фросина Ѓорѓиовска стана особено актуелна во последниот период, по објавувањето на приватна преписка со извесен Стефан, кој сакал да се запознаат и да се „дружат“. Постот стана вирален и по социјалните мрежи се отворија дебати за оправданоста на ваквиот потег на Фросина.

Но Фросина од поодамна е позната на јавноста преку нејзините интересни раскази, случки кои ги видела со свои очи, во својата повеќегодишна кариера како келнер во скопските локали.

На нашиот портал, сме објавиле статус на Фросина од пред две години, непосредно по референдумот за промена на името, кој може да се каже дека и денес е актуелен. Во него таа се осврнува на нашинците кои се во дијаспората и од таа комотна позиција, морализираат за состојбите во матичната земја:

“Сакам да ве прашам сите: дали овие со бугарски пасоши (читај шитнати за само СВОЈА подобра иднина) и сите оние кои имаат двојно државјанство, а ја напуштиле земјава од неподносливоста на преживувањето овде, имаат исто право како мене и моите сограѓани да одлучуваат за мојата иднината, додека нивната е одамна решена по Германии и Австралии?

И јас да иам бугарски пасош или да сум мажена во Острелија или овде да имам бизнис од кој можам да живеам комотно, ќе го перам мозокот на моите сограѓани дека најдобро решение е името да не го даваме. За жал на многумима кои земаат 200 евра плата поважно им е името отколку благосостојбата на својот народ.

Да сакав да се продадам ќе соберев 500 евра одамна за бугарски пасош и немаше да се замарам. Што е полошо? Да се пишеш бугарин или да си Македонец од Северна Македонија?

Потполно ја разбирам и болката на оние кои потекнуваат од егејскиот дел на Македонија. Тоа не можеме да го смениме бидејќи е минато и ќе боли. Но можеме да се избориме за подобра иднина. Не велам дека ќе цветаат рози ако гласавме ЗА, но барем ќе знаеме дека сме се обиделе нешто да смениме.

Мене единствено ме интересира економската состојба на мојот народ. Во држави каде може добро да се живее и со минимална плата, луѓето не знаат ни кој им е претседател, туку си го живеат својот живот.

Овде гинеме за идеали додека ум ираме за леб. Поважно од името ми е тоа дали работодавачите ги исполнуваат своите обврски према работниците?

Поважно ми е прашањето зошто најголем дел од нас угостителите сме пријавени на скратено работно време, а сме full time на работа? Поважно ми е тоа што ние угостителите немаме платен одмор, а газдите како алиби по тоа прашање го користат изговорот: затоа што земате голема дневцница.

А сите знаеме дека во Мк не постои толку голема дневница за да ти го покрие неплатениот одмор или немањето работен стаж на сметка на тоа колку навистина работиш.

Поважно ми е тоа што на ваквите мои прашања ако ги поставам, место да се најде заеднички јазик и решение (а своите работнички права ги знам да ги цитирам и у сон), било кој газда ќе ми рече: ако не ти се свиѓа, оди си. А тоа ќе ми го речат сите газди во Мк бидејќи тоа им е дозволено.

Тие прашања се далелу поважни од било кое прашање за идентитет. Ако имам средства да живеам добро, добро ќе ми биде и Перса да се викам. А ако не се обидеме од кај ќе знаеме?”