Верниците сметаат дека овој ден се одбележува во спомен на оние кои неправедно настрадале или претрпеле зло поради својата вера.
Православна црква и нејзините верници денес ги одбележуваат Светите 14.000 витлеемски младенци, во знак на сеќавање на масовниот масакр на машки деца што го наредил израелскиот цар Ирод Велики.
Овој настан е опишан во Евангелието според Матеј, каде што се раскажува дека цар Ирод наредил убиство на машките деца со цел да го зачува својот престол од новородениот цар – Исус.
Царот жестоко се разгневил затоа што мудреците не се вратиле од Витлеем за да го известат за раѓањето на Исус, новиот цар на Израел. Во својот гнев, Ирод наредил да бидат убиени сите деца, што, според евангелското предание, било извршено буквално и на најстрашен начин.
Војниците извршиле голем масакр над невините деца. Некои биле убиени со меч, други прегазени, а некои удирани од камења. За овој тажен настан, евангелистот Матеј запишал дека лелекот на мајките се слушал до небесата:
„Глас во Рама се чу, плач и лелек и големо ридање; Рахила ги оплакува своите деца и не сака да се утеши, зашто ги нема“.
Ирод бил толку заслепен од желбата за власт што почнал да го губи разумот. Најпрво од Захарија го побарал неговиот син Јован, мислејќи дека тој е новиот цар. Бидејќи Захарија не го предал синот, царот наредил да биде убиен. Така, поколот продолжил сè додека Ирод не ги убил сите деца, а потоа се насочил и кон еврејските старешини, кои му давале лажни информации за местото на раѓањето на Месијата.
Потоа почнал да ги убива и членовите на сопственото семејство – најпрво братот, потоа сестрата, а на крај и своите три сина, сè додека не го стигнала божјата казна.
Поради овие злодела, здравјето на Ирод нагло се влошило. Целото тело почнало да му се тресе, а на нозете му се појавиле гнојни рани од кои излегувале црви и се ширела неподнослива смрдеа.
Сфаќајќи дека му се ближи крајот, Ирод наредил да се убијат сите членови на неговото семејство, за да не се радуваат на неговата смрт. Тоа било последното злодело на царот кој извршил толку многу убиства над својот народ. По неговата смрт, според евангелистот Матеј, неговата душа отишла директно кај ѓаволот.
Верниците веруваат дека овој ден се одбележува во чест на сите кои неправедно страдале или доживеале зло поради верата. Се смета дека денот треба да се помине во молитва и обраќање кон Бога, за да ги заштити сите оние кои поминуваат низ страдање. Молитвата има посебно значење и носи посебна божја заштита:
-Преку страдањата на светиите, кои страдаа за Тебе, молете се, Господи, и исцели ги сите наши болести, се молиме Тебе, Човекољубецу – се зборовите на молитвата што треба да ја кажеш на овој ден, според обичаите на нашиот народ.
