Бил Гејтс, еден од најбогатите во светот и основач на Мајкрософт, е еден од најекспонираните личности за време на пандемијата особено поради фактот дека неговата Фондација донира пари за да може вакцината да биде подостапна и поевтина за сите.
Сепак, покрај тоа околу него кружат разни теории на заговор за кои тој вели дека се шират со поголема брзина од пандемијата.




Гејтс сега на својот блог вели дека оваа година е лоша, но тој верува дека добиваме добри вести во 2021 година.
– Повеќе од 1,6 милиони луѓе починаа за време на пандемијата, над 75 милиони луѓе се заразени, а економската штета се проценува на десетици трилиони долари. Милиони луѓе останаа без работа и имаат големи проблеми со плаќањето на сметките, а повеќе од милијарда деца пропуштаат клучно време во училиште, забележува Гејтс.
Сепак, тој тврди дека работите ќе се подобрат во 2021 година.




– Следната година доаѓаат добри вести. Поголемиот дел од 2020 година го поминав со колегите во Фондациите ширум светот за начини за тестирање, лекување и спречување на КОВИД-19. Кога размислувам за брзината на научниот напредок во 2020 година, јас сум изненаден. Човечката раса никогаш не постигнала толку многу напредок кога станува збор за лекување на која било болест за една година, како што направи светот во борбата против КОВИД-19, објасни Гејтс.
Под нормални околности, изјави тој, правењето вакцина може да трае и до 10 години. Овој пат, за помалку од една година се создадени повеќе вакцини за коронавирус.
Гејтс, сепак, верува дека и покрај ваквиот напредок, луѓето сè уште се изложени на ризик..




– Компјутерските модели предвидуваат дека пандемијата може да биде уште полоша во следниот месец. Исто така, треба да научиме повеќе за новиот вид коронавирус што се појави, што се чини дека се шири побрзо, но не е толку смртоносен, напиша тој.
И покрај најавите дека е можно влошување на состојбата со коронавирусот, тој верува дека постојат две главни причини зошто луѓето треба да имаат надеж дека работите ќе се подобрат.
– Првата причина е дека маските, социјалното дистанцирање и другите мерки можат да го забават ширењето на коронавирусот и да спасат животи бидејќи вакцините се испраќаат низ целиот свет. Втората причина за која треба да се надеваме е дека во пролетта 2021 година, вакцините и третманите ќе бидат толку раширени што ќе има влијание врз светот, рече Гејтс.
Тој додаде дека се очекува нагло да се намали бројот на смртни случаи.
– Барем во богатите земји, животот ќе биде поблизу до нормалното отколку што е сега, истакна Гејтс.
