Им завидувам на оние кои се исполнети со радост и еуфорија. Кај мене после првичното олеснување и сатисфакција се’ повеќе доминира чувство на неверојатна тежина и горчина!

По која цена го дочекавме денот ЗЗ да замине од сцената (а можеби и од Македонија)? Како дозволивме една таква будалетинка да ни ја раскрчми државата и да ја уништи? Како ќе ја поправиме штетата од овие неколку погубни години?

Марионета на светските центри на моќ беше инсталирана за да ја заврши валканата работа – и сега го пуштија низ вода, очигледно договорено и без какви било санкции и последици. Не би ме чудело и да замине, полн е како брод, како што вели изреката, ништо не му фали ни нему, ни на фамилијата, ни на бизнисот.

Зад себе остава лом и хаос. За партијата не му ја мислам, ама државата!!! Иако е јасно дека СЕКОЈ ќе биде подобар од ЗЗ и СДС (такво дупло дно пробија), но некако не сум убедена дека наследниците ќе знаат што да прават. Поради субјективни и објективни причини, наскоро кога социјалниот притисок ќе почне да врие, одговорот ќе биде „тоа е остаток од заевизмот и треба време да се оправат работите“, винивни се оние пред нас… И така во недоглед… А ние време немаме.

Простете, ама јас сум некако бескрајно тажна за состојбата во која денес се наоѓа Македонија, за сето она што го претрпевме, за сето она што го изгубивме… Посакувам да не сум во право, посакувам реалните промени да ме демантираат (но и до нив нема така брзо да дојде).