Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ алармира за појава на нови глутници кучиња на територијата на општина Карпош во Скопје. Според здружението, станува збор за нестерилизирани и необележани животни кои не припаѓаат на локалната улична популација, што укажува на можен организиран внес и дислокација од друга земја.
Во текот на последните денови, граѓаните забележале нови кучиња кои не се познати на населението. Дополнително, дел од животните имале ушни маркици, што отвора сомнеж за нелегален транспорт преку граница и напуштање на животните.
„Анима Мунди“ нагласува дека ЈП „Лајка“ не ги испуштило овие кучиња, а граѓаните со години ги познаваат постоечките улични животни во своите населби. Според здружението, појавата на новите глутници не може да се објасни со природен прираст и претставува опасност по јавната безбедност и благосостојбата на животните.
Здружението бара итна и темелна истрага, со проверка на јавни и приватни безбедносни камери, како и на сите влезно-излезни патни правци кон Скопје, за да се утврди кој и како ги транспортирал животните. Тие посочуваат дека станува збор за логистички организирана активност, а не изолиран случај.
Дополнително, „Анима Мунди“ предложила измени на Законот за заштита и благосостојба на животните и на Кривичниот законик, со кои ваквите дејствија би се третирале како кривични дела, по примерот на Хрватска.
Здружението исто така повикува на системско решавање на проблемот со уличните кучиња на ниво на сите општини преку масовна стерилизација, евиденција и строги санкции, нагласувајќи дека ова не е проблем само на една населба, туку целосна злоупотреба која мора да се санкционира.
