Бројот на компании што банкротирале во Германија во 2025 година достигна ниво повисоко дури и од времето на светската финансиска криза во 2009 година, покажуваат најновите процени на економските институти.
Според податоците на германскиот завод за статистика Destatis, темпото на пропаѓање на фирмите нагло се забрзало во декември. Само во тој месец, бројот на отворени постапки за банкрот бил за 15,2 отсто поголем во споредба со истиот период лани, по раст од 5,7 отсто во ноември.
Статистичарите појаснуваат дека овие бројки се однесуваат само на започнати постапки, а не на завршени случаи на несолвентност, кои обично траат околу три месеци. Во конечните годишни статистики се вклучуваат само завршените процедури, пренесува агенцијата dpa.
Иако официјалните податоци за целата 2025 година сè уште не се објавени, Институтот за економски истражувања во Хале (IWH) проценува дека во текот на годината пропаднале 17.604 компании, со што е надминат негативниот рекорд од 2009 година – периодот на најтешката светска економска и финансиска криза.
Според анализата на IWH, причините за овој бран банкроти се наталожени со години: последиците од пандемијата, значително зголемените каматни стапки, поскапите кредити и сè поизразените економски проблеми во Германија.
Најпогодени се фирмите од секторите транспорт, угостителство и градежништво, каде бројот на затворени претпријатија е особено висок.
