Хрватската влада воведе нова мерка која предизвика силни реакции во јавноста – граѓаните кои работеле во странство повеќе од две години и по враќањето ќе се вработат во земјата, ќе бидат целосно ослободени од плаќање данок на доход во период од пет години.

Во пракса, ова значи директна финансиска добивка која за дел од повратниците достигнува и до неколку илјади евра годишно. Според официјалните пресметки, лице со просечна плата може да добие околу 2.700 евра назад секоја година, што на петгодишно ниво изнесува и до 14.000 евра.

Исплатите ќе започнат уште оваа пролет, а Даночната управа автоматски ќе го утврдува правото на ослободување, без потреба од дополнителни барања од страна на граѓаните.

Првите примери веќе постојат. Млади повратници од Шибеник и Бјеловар кои по враќањето се вработиле во Хрватска, ќе ја користат оваа поволност без обврска да останат во земјата на долг рок – што отвора прашања за вистинската цел и ефект на мерката.

Економистите оценуваат дека потегот може да ја зголеми мотивацијата за враќање, но предупредуваат дека со ова нема целосно да се реши проблемот со недостиг од работна сила. Побарувачката за странски работници, особено во градежништвото и услужните дејности, според прогнозите ќе остане висока.

Истовремено, мерката предизвика и дебата за праведноста на даночниот систем. Критичарите сметаат дека државата ги наградува оние што заминале, додека граѓаните кои останале и со години работеле во земјата не добиваат слични олеснувања. Од Владата најавуваат дека ова е само прв чекор и дека ќе следуваат дополнителни измени со цел посеопфатен и поправеден даночен систем.