Живот колку за корка леб – како Денис и неговите деца го минуваат секојдневието
Вака педесетгодишниот Денис, кој е татко на две дечиња раскажува за тоа како се случило првично да остане без покрив над глава. Овој човек кој се води како бездомник вели се срами да ни покаже каде со децата ја минуваат ноќта, па затоа, се сретнавме кај дрвените градски клупи каде најчесто ги минуваат деновите, во паркот „Жена борец“. Денис ни раскажа за искушенијата- како мал ја загубил мајка си, татко му бил алкохоличар, па продал сè за чашка две повеќе.




Потоа израснал по домови за деца без родители. Сепак, во периодот помеѓу тогаш и сега, вели, малку му тргнало во животот, па се заљубил и ги добил Марија и Рамадан. Но, само од љубов не се живее, па заедно со сопругата успеале да направат соба која е дивоградба во населбата Шуто Оризари. Вели, среќата го напуштила пред повеќе од една година кога останал без сопругата. Но, поради таа соба што успеале да ја направат заедно и со помош на хумани граѓани, неговите дечињата, осумгодишната Марија и дванаесетгодишниот Рамадан сега не спијат под ведро небо.




Денис и овие две дечиња, се бањаат и земаат понова и чиста облека во пунктовите на Црвениот крст. Добивам социјална помош, искрено раскажува Денис, ама не стигнува за ништо, па бидејќи сака да работи за да може да купи храна и облека за Марија и Рамадан, во меѓувреме, со количка ги пренесува намирниците на тезгаџиите на Зелено пазарче, ако го викнат. Желбата му е да работи постојано, ако може, во комуналец.




Сè ќе направам само за децата, со искрен поглед раскажува Денис, додека малата Марија која оди на училиште и е трето одделение му вели дека сака да има телефон.
Рамадан пак посакува лап-топ, ама и една фудбалска топка.
„Сакам да играм фудбал, … сакам и да учам математика, македонски…“




Денис верува во Бога, ги празнува и христијанските и муслиманските празници, бидејќи неговата сопруга била православна, па сака неговите деца да ги познаваат и слават традициите од двете вери. Божиќните се денови за семејството, мир и слава, ама и хуманост, бидејќи не секој има топол дом и богата трпеза. Овие дечиња заедно со татко им деновите ги минуваат на отворено и пешачат со часови низ скопските улици за да им биде потопло.




Но, тие не се единствените, па последно споделената база на податоци на Црвениот крст говори дека бројот на бездомници во главниот град се движи од 150 до 180 лица. Точната бројка сепак, тешко може да се утврди бидејќи голем дел од нив немаат никакви документи, а и често ја менуваат локацијата каде што престојуваат.
