Драган Шибалиќ, светски велосипедски патник од Краљево, на социјалните мрежи ја сподели потресната приказна за тоа како на 11 декември 2025 година, за време на патување низ јужен Либан, бил приведен од припадници на Хезболах.

Тргнал од градот Сур кон Бејрут, иако бил предупреден дека алтернативните патишта се опасни поради конфликтот меѓу Хезболах и израелските дронови. По дваесетина километри, забележал црни џипови кои почнале да го следат. Срцето му забрзано чукало – еден автомобил пред него, друг зад него. Набрзо бил запрен.

Му ги побарале телефонот, пасошот и камерите. Ги прегледувале фотографиите – особено оние со знамиња и билборди. „Нивните очи беа студени, без емоции“, пишува Драган. Секој одговор што го давал предизвикувал нов сомнеж.

Му наредиле да влезе во автомобил и со капуљача на главата бил однесен на непозната локација – џамија во мал град. Таму следувале часови исчекување и испрашување. Му ги одзеле уредите, го фотографирале, го претресле и детално го распрашувале: каде престојувал, кого познава, кој го финансира, дали е шпион.

Подоцна му било кажано директно: „Ние сме Хезболах.“ Му ја објасниле нивната страна од конфликтот и причините поради кои се борат. Иако ситуацијата била крајно напната, Драган истакнува дека бил третиран коректно, без закани и без физичко насилство.

По долгиот испит, му ги вратиле пасошот и телефоните и му рекле дека е слободен. Дури му помогнале и околу оштетената гума на велосипедот. Вечерта ја поминал во домот на човекот кој очигледно бил главниот – во куќа со поглед кон Средоземното Море, каде бил послужен со храна и третиран како гостин.

„Си заминав исцрпен, но жив. Со срце полно мешани чувства и приказна што никогаш нема да ја заборавам“, заклучува Шибалиќ.