Новиот Предлог-закон за заштита од пушење е официјално објавен на електронскиот регистар ЕНЕР и предизвика силни реакции во јавноста. Според предложените измени, станува збор за најригорозниот закон против пушење досега, со кој пушењето практично ќе биде дозволено само во приватни домови.

Со законот се предвидува целосна забрана за пушење во сите јавни и работни простории, но и значително проширување на забраните во медиумите, културата и дигиталниот простор. Пушење и прикажување тутунски производи ќе биде забрането и во театарски претстави, филмови, серии, телевизиски и радио емисии, подкасти, содржини на инфлуенсери, како и во компјутерски игри.

Исто така, строго ќе се забрани рекламирање, промоција и спонзорирање од страна на тутунската индустрија. Производителите на тутун нема да смеат да финансираат театарски и филмски продукции, ТВ и радио емисии, интернет содржини, блогови, јавни настани, па дури ни информативни кампањи за штетноста од пушењето.

Законот предвидува забрана за пушење пред и во објекти на здравствени установи, образовни и воспитни институции, културни и спортски објекти, како и во установи за социјална заштита. Пушењето ќе биде забрането и пред и во објекти за престој и сместување на деца, ученици и студенти, како и во простори каде се организираат забавни и рекреативни активности за деца, вклучително и игротеки.

Дополнително, пушење нема да биде дозволено во државни институции, објекти на локалната самоуправа, сите работни места, како и во сите видови јавен превоз – патен, железнички, воздушен и воден, вклучително и жичари, ски-лифтови, аеродроми, автобуски и железнички станици.

Особено значајна новина е и забраната за пушење во приватно возило доколку во него има дете, како и забраната за пушење на пазарите.

Спроведувањето на законот ќе биде во надлежност на повеќе институции, меѓу кои Државниот пазарен инспекторат, санитарниот и здравствениот инспекторат, инспекторатот за труд, МВР, Управата за извршување санкции и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Казните за прекршување на законските одредби се високи. За правни лица тие ќе изнесуваат:

  • од 2.000 до 3.000 евра за мали,

  • од 3.000 до 4.000 евра за средни,

  • од 4.000 до 5.000 евра за големи правни лица.

За физички лица, предвидена е глоба од 150 до 300 евра.

Доколку законот биде усвоен во оваа форма, Македонија ќе стане една од земјите со најстрога регулатива за пушење во регионот.