Ова може да ве оддалечи од Бог
Малкумина се оние кои барем еднаш во животот не прочитале хороскоп, не отишле кај некој да им гледа во карти или во филџан по испиеното кафе, за да дознаат што ги очекува во блиска иднина. Судбината како голема непознаница отсекогаш ги интригирала луѓето.
Отец Предраг Поповиќ пред извесно време сподели фотографија од преписка што ја започнало лице загрижено за својот брат кој сè уште не ја пронашол сродната душа и планирал да живее во Виена.
Лицето што го поставило прашањето било уверено дека се допишува со некоја гатачка, а не со белградската општина Врачар.
Тоа било повод отец Предраг да отвори тема за нашите навики, суеверието и празноверието и да објасни зошто со одење кај гатачи му вртиме грб на Бог.
Како и ријалити-програмите, коцкарниците и дрогата, така и гатачите живеат од луѓето што ги следат или ги бараат. Таквите често истиот принцип го применуваат и кон верата – одат по цркви и манастири барајќи вода, свеќи или молитва на „посебно место“ од „посебен духовник“, мислејќи дека така преку ноќ сè ќе се промени, без самите да вложат труд.
Како кога луѓето сакаат да ослабат, а да јадат сè и да не вежбаат, па бараат разни кратки патишта што често се опасни. Но, не е толкава штета ако се загрози телото, колку кога се тргува со душата. Кога се оди кај гатачи, му се врти грб на Бог и се посегнува по злото. Некогаш, ако има корист, тоа „се јавува“. А кога вниманието ќе се насочи кон нас по наш повик, тогаш доброто се повлекува, а злото доаѓа по своето.
Колку денес има духовно вознемирени луѓе, не сме ни свесни! И сето тоа поради мешање во духовниот живот преку вакви практики, претставени како „за наше добро“.
Без литургија нема однос со Бог, ниту вистинско исцелување. Сите други кратки патишта можат скапо да нè чинат.
Пред да ги осудуваме другите, треба да се преиспитаме себеси. Дали веруваме во судбина – дека животот ни е однапред запишан и дека што и да правиме не можеме да го избегнеме тоа?
Дали понекогаш читаме хороскоп?
Дали сме гледале во филџан или сме дале некој да ни гледа? Во натални карти, тарот, биоенергија и слично?
Сето тоа се кратки патишта на „судбината“ што, според него, водат од Бог кон темнина.
Владиката Атанасиј бил изричит дека мешањето со биоенергија е неблагословено и богонеугодно.
Има многу работи што ги нарекуваме вера, а всушност се спротивни од неа. Бог е единствениот на кого не му требаат маски. Литургија, светлина, песни, Телото и Крвта Христова – пат, вистина и живот без двоумење и без „кратенки“. Еден крст без кој не можеме во Рајот.
А ние читаме хороскоп за да видиме како ќе се чувствуваме денес, дали ќе се заљубиме или ќе имаме успех. Според неговата објава, хороскопот има потекло од древни митолошки учења.
