Отец Предраг истакнува дека не секоја молитва за пари е исправна, особено ако зад неа стојат алчност, лакомост или желба за незаслужено богатство.

Објавено: 25.12.2025 во 19:30 часот

Дали е во ред верник да се моли на Бога за финансиска помош или тоа претставува грев? Ова прашање ги мачи многумина, особено во време кога егзистенцијалните грижи се сè почести. Токму на оваа тема зборуваше отец Предраг Поповиќ во видео објава споделена на неговиот Инстаграм профил, а пораката предизвика големо внимание во јавноста.

На денешниот ден, 25 декември, кога во православниот календар се одбележува Свети Спиридон Чудотворец – светител на кого многу верници му се обраќаат токму поради материјални тешкотии – отец Предраг објасни кога молитвата за пари е оправдана, а кога ја губи својата смисла.


„Не е грев да се молите за пари“

Отец Предраг јасно порачува дека самата молитва за пари не е грев, но дека пресудно е со каква намера човек му се обраќа на Бога.

„Не е грев човек да се моли на Бога за пари, тоа да го знаете. Можете да се молите за пари“, вели тој, додавајќи дека и самиот во животот се молел на Свети Спиридон и дека таа молитва, како што вели, многу му помогнала.

Според неговите зборови, Свети Спиридон е познат како светител кој помага и во материјални потреби, но само кога тие се оправдани и искрени.


Кога молитвата за пари има смисла?

Отец Предраг нагласува дека не секоја молитва за пари е исправна, особено ако зад неа стојат алчност, лакомост или желба за брзо и незаслужено збогатување.

„Не оди тоа – да одиме во кладилница, па да се молиме за пари“, предупредува тој.

Како што објаснува, молитвата има смисла кога финансиската помош е потребна за основни и нормални животни потреби – за исхрана на семејството, обезбедување дом, сигурност и стабилност стекната со чесен труд.

„Ако ви се потребни финансии за нешто што е нормално, што е исправно – слободно молете се на Господ за тоа“, порачува отец Предраг.


Зошто е важна молитвата?

Во своето обраќање, отец Предраг се осврнува и на духовната смисла на молитвата, нагласувајќи дека таа му помага на човекот да ја препознае Божјата помош во сопствениот живот.

„Ако се молите и го добиете она за кое сте се молеле, ќе знаете дека тоа ви е дадено од Бога“, објаснува тој.

Од друга страна, ако човек нешто добие без молитва, лесно може да помисли дека сè постигнал со сопствени заслуги. Токму тогаш, предупредува отец Предраг, доаѓа духовната опасност.

„Мислите дека вие сте го заслужиле тоа? Тогаш ќе ви биде одземено. И тогаш ќе знаете дека ви е одземено“, заклучува тој.


Порака до верниците на денот на Свети Спиридон

Пораката на отец Предраг Поповиќ на денот на Свети Спиридон е јасна и силна: молитвата за материјални нешта не е грев, но мора да биде искрена, скромна и насочена кон реалните животни потреби, а не кон алчноста.

Во време кога финансиските предизвици се сè почести, оваа порака ги потсетува верниците дека парите не се бараат за луксуз, туку како средство за достоинствен и чесен живот – со вера, благодарност и свест дека ништо не доаѓа без Божја волја.


МОЛИТВА ДО СВЕТИ СПИРИДОН

Преблажен светителу Спиридоне,
измоли од милостивиот Бог Човекољубец да не нè осуди според нашите беззаконија,
туку да постапи со нас според Својата милост.
Измоли ни, на нас, слугите Божји (имињата),
од Христа и Бога нашиот мирен и спокоен живот,
здравје душевно и телесно.

Избави нè од секоја беда, душевна и телесна,
од сите слабости и ѓаволски клевети.
Спомни нè пред престолот на Седржителот
и измоли од Господа прошка за сите наши гревови,
мирен и сигурен живот да ни подари
и крајот на животот да ни биде неосуден и спокоен,
и да нè удостои со вечните блаженства во идниот век,
за непрестајно да Го славиме и благодариме
Отецот и Синот и Светиот Дух,
сега и секогаш и во вековите на вековите. Амин.


СВЕТИ СПИРИДОН – ОБИЧАИ И ПРЕДАНИЈА

Православните верници ширум светот денес го празнуваат споменот на преподобниот Свети Спиридон Чудотворец, празник кој секогаш паѓа во време на пост.

Свети Спиридон Тримитунтски е роден на Кипар во 270 година, во времето на цар Константин. Се оженил млад и ја имал ќерката Ирина. По смртта на сопругата целосно му се посветил на Бога, а истиот пат го избрала и неговата ќерка. Подоцна бил избран за епископ во градот Тримитунт.

Како учесник на Првиот вселенски собор во Никеја, Свети Спиридон бил познат по своите чуда, со кои многу еретици ги вратил во христијанството. Се упокоил во 348 година, а неговите мошти се чуваат на островот Крф, каде што е прогласен за заштитник.

Особено е славен поради својата благост, а се верува дека децата и мајките имаат посебна духовна поврзаност со него. Се смета и за заштитник на занаетчиите, особено на чевларите и кожарите. Според преданието, Свети Спиридон го направил првиот земјен сад, вреќа и кошула, поради што го слават и грнчарите, кројачите и ковачите.

Преданијата му припишуваат бројни чуда – од претворање змија во злато за да му помогне на сиромав човек, до запирање река, воскреснување мртви и исцелување на царот Константин.

Се верува дека Свети Спиридон понекогаш слегува на земјата преправен како сиромав или просјак за да провери дали луѓето сè уште знаат да покажат љубов и милосрдие. Затоа, на овој празник не е добро да се одбие човек што бара помош – подадената милостина се смета за почит кон светителот.