Астронаутката Кристина Кох (47), членка на екипажот на мисијата Artemis II која минатиот петок се врати на Земјата, откри како дури и десет дена поминати во вселената влијаат врз човечкото тело.
Кох, една од четворицата астронаути кои учествуваа во летот околу Месечината, на социјалните мрежи сподели видео кое го прикажува нејзиното тешко закрепнување и повторно привикнување на Земјината гравитација.
Борба со гравитацијата
По 10 дена поминати во вселената, Кристина Кох не е истата жена која може да оди како пред лансирањето.
Во видеото што го објави, а воедно е и првата жена која летала околу Месечината, се гледа како се обидува да оди по права линија, но очигледно има проблем со одржување на рамнотежата.
Иако членовите на екипажот секојдневно вежбале по 30 минути, враќањето на Земјината гравитација претставува голем предизвик. Кох објасни зошто закрепнувањето трае подолго, а и се пошегува: „Изгледа дека со враќањето на сурфањето ќе мора уште малку да почекам“.
Зошто враќањето е толку тешко?
Видеото јасно покажува дека нејзиното тело сè уште се привикнува на условите на Земјата. „Кога луѓето престојуваат во микрогравитација, системите во нашето тело кои еволуирале за да му даваат информации на мозокот за движењето, односно нашите вестибуларни органи, не функционираат како што треба“, објасни Кох.
Таа додаде дека човечкото тело всушност се приспособува на новите услови. „Нашиот мозок со тек на време учи да ги игнорира тие сигнали. Затоа, при враќањето во гравитација, на почетокот многу повеќе се потпираме на видот за да се снајдеме во просторот. Да се оди така што едната нога ја ставате точно пред другата, и тоа со затворени очи, може да биде вистински предизвик.“
По одредено време, астронаутите повторно можат нормално да одат.
Научни податоци корисни и на Земјата
Податоците собрани за време на закрепнувањето на астронаутите не придонесуваат само за подобро разбирање на животот во вселената, туку имаат и практична примена на Земјата. Кристина истакна дека „разбирањето на овие процеси може да помогне во лекувањето на вртоглавица, потрес на мозок и други неуровестибуларни нарушувања“.
Таа ги увери следбениците дека нејзиниот несигурен од е нормален дел од рехабилитацијата: „За среќа, веќе добро се прилагодуваме на гравитацијата, седум дена по слетувањето“, порача таа.
Мисија што го инспирираше светот
Покрај тоа што донесе вредни научни податоци, мисијата Artemis II силно одекна во јавноста и повторно го разбуди интересот за истражување на Месечината. На прес-конференција во четврток, Кристина Кох седеше покрај своите колеги од екипажот Рид Вајсман, Виктор Гловер и Џереми Хансен и го истакна поширокото значење на нивната мисија.
„Не можам доволно да нагласам колку тоа ни значеше“, рече таа. „Тоа ни беше подеднакво важно како и исполнувањето на техничките цели. Сакавме да бидеме тука за нашите колеги од NASA и да ја направиме оваа мисија значајна за целиот свет“.
