Проф. д-р Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија остро предупреди дека состојбата со квалитетот на медицинскиот кадар во скопските клиники никогаш не била полоша. На панел-дискусијата „Ни ваши ни наши – реформа за фер вработувања во здравството“, тој истакна дека сите негови најдобри студенти денес работат во странство, додека Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ се претвора во „собиралиште на партиски кадри“.
„Жално е што каде и да одам во 2025 година, ќе најдам мои поранешни студенти – меѓу најквалитетните. А кога ќе тропнам на некоја врата на Клинички, искрено ми е страв каде тропам. Замислете кој е квалитетот на кадарот што денес се вработува“, предупреди Беќаровски.
Тој откри како изгледа интервју за вработување кога кандидатот однапред е одбран:
„Прашањата на тестот кандидатот ги знае однапред. Го завршува за 10 минути, иако тестот го составуваме од 300–400 прашања. Ние со 30 години искуство би имале проблем да го решиме. На усмениот испит – исто. Знае точно кои прашања ќе ги добие. Ако Комисијата се обиде да постави дополнителни прашања, веднаш се гледа дека ни грам не знае надвор од она што му е дадено.“
Дури и кога најквалификуваниот кандидат ќе освои најмногу бодови, зборува тој, сè паѓа во вода со „дискреционото право на директорот“.
„На колешка што поднесе жалба ѝ рекоа: ‘Ти најмногу знаеш, но мене најубав ми е кандидатот број 4’. Тоа интервју е само форма – им се честита уште пред да заврши процесот.“
Според Беќаровски, ако итно не се направат вистински реформи, здравството ќе продолжи да ги губи најдобрите професионалци.
„Џабе приватни болници – и таму ќе остане само оној што не успеал да си замине. Ние со долгогодишно искуство веќе имаме страв на која врата во Клинички да тропнеме“, додаде тој.
Неговата порака е јасна: без фер критериуми за вработување, граѓаните ќе ја плаќаат највисоката цена – со сопственото здравје.
