Почитувани читатели ви пренесуваме ФБ статус од Професорката Ванковска која важи за аналитичар на сите актуелности во Македонија и пошироко.




Се разбира, жртвата е Украина и нејзините граѓани кои ќе платат нависока цена затоа што на нејзина територија се борат „големите“ (слонови, како во африканската изрека). Вината за тоа лежи на Западот, кој ја поттикна обоената револуција (Евромајдан) во 2014 година за наводно побрзо приближување кон ЕУ (се’ додека Викторија Нуланд не рече fuck the EU – гледај ги нашите американски интереси). Наводно проруската власт („режимот“) беше симната, а тие што дојдоа ниту имаа нешто заедничко со демократија, ниту со ЕУ. Внатрешните поделби (по етничка линија) се зацврстија, па отцепувањето на Крим и она што се случи вчера беа очекувано сценарио.




Дури и сега кога западниот естаблишмент се прави изненаден и навреден, јасно беше дека во ваков случај нема да реагираат и нема со мал прст да мрднат да го заштитат теритријалниот интегритет на Украина. Дури и спомнуваа, помали инциденти, ако изостане целосна инвазија, бла-бла… На тој начин, всушност, му намигнаа на Путин дека може слободно да ја признае независноста на двете проруски покраини на границата со Русија.




Во меѓувреме, со сета хистерија што со месеци ја создаваа за наводен масивен напад на Москва врз Киев, успеаја на украинската влада да ѝ дотурат оружје и евентуално да ја натераат сама да се бори, додека тие ќе наметнуваат санкции и ќе навиваат „напред наши“.




Она што оваа приказна ја прави особено трагична и поучна е дека страсната желба за европеизација (членство во ЕУ) ниту носи дома европски стандарди (напротив, може земјата да ја направи колонија, а синот на Бајден но и многу други тоа убаво го покажаа), ниту ја прави подемократска (крајната десница, да не речам профашистичките сили дигнаа глава), ниту подобра држава (корупцијата е огромна), ниту пак ја направија земјата побезбедна.




Напротив, онака како што ние во истиот занес секојдневно (без отпор) губиме дел по дел од сопствената државност, така и Украина губи дел по дел од територијата и теориските шанси да стане „европска демократија“. Единствената разлика тука е што нашата самобитност ја одрекува членка на ЕУ (а Брисел си молчи), а нивната државност ја одрекува Путин (Ленин ги измисли Украинците). Читав некакви небулозни „анализи“ за разликата меѓу западните и комунистичките „куршуми/чизми“ – но, тоа е слепило пред империјализмот кој нема идеолошки бои, туку е воден од гола геополитика и геоекономија.




Многу ми е жал за тој народ, кој си има и историски делби, ама и историски сеќавања на заеднички живот на „Истокот“, а кој сега ќе страда заради геостратегиските поместувања. А тие, за волја на вистината, ги започна Западот кога на крилјата на триумфализмот од 1989 тргна кон „крајот на историјата“, верувајќи дека е семоќен.




Деновиве еден куп американски бивши дипломати, генерали и познавачи, како еден Миршајмер, рекоа дека САД направија најголема грешка во тие рани години по падот на Берлинскиот ѕид, со проширувањето на Алиајнсата која или требаше да се распушти или да ги опфати сите без одлагање, вклучувајќи ја и тогаш слабата Русија. Наместо тоа, тие почнаа да изигруваат светски полицаец, ја бомбардираа СР Југославија, создадоа независна држава од нејзина покраина, растурија држави од Авганистан до Либија и Сирија… И сега слушајте со каква хистерија врескаат над повредите на меѓународното право, кое самите го убија – заедно со милиони невини цивили!




Идеалното решение за ваквите држави и народи ставени во сендвич меѓу помоќни соседи и сили е/беше НЕУТРАЛНИОТ СТАТУС! За жал, тоа не е опција, бидејќи ниту домашните елити имаат храброст да го предложат тоа (тие се обични прислужници на надворешните господари), ниту пак тие надвор сакаат вакви „отпадници“.




Идниот месец ќе направиме две години во НАТО, и се наоѓаме како паднати од Марс: таман сиромавиот се фати за орото, се скина тапанот. Таман ние добивме катастерски лист и безбедносен чадор, нештата во светот се менуваат. Немојте да ја исклучите можноста за неколку децении, ако не поскоро, Албанија или Бугарија да го следат рускиот пример во однос на Македонија.
