Зголемувањето на бројот на заболени од грип е очекувано за овој период од годината, но здравствените власти внимателно ја следат состојбата, особено во пресрет на почетокот на второто полугодие.

Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), д-р Марија Андоновска, изјави дека пикот на сезонскиот грип се очекува во втората половина на јануари и може да трае до почетокот на февруари. Во зависност од развојот на состојбата, ИЈЗ ќе достави соодветни препораки до Министерството за образование и наука.

Во периодот од 29 декември до 4 јануари регистрирани се 1.725 случаи на грип и заболувања слични на грип, што е повеќе од двојно зголемување во споредба со претходната недела. Бројките покажуваат значителен раст и во однос на минатата сезона, како и во однос на просекот од претходните 15 години.

Според податоците, најпогодена возрасна група се децата од 5 до 14 години, кај кои е регистрирана и највисока инциденца. Најмногу случаи се пријавени во Скопје, Тетово и Куманово, додека во одредени градови се бележи висока, па дури и многу висока активност на вирусот.

Од ИЈЗ информираат дека сезоната на грип е веќе официјално започната и дека вирусот покажува средна до висока активност на национално ниво. Здравствените институции апелираат на внимателност, следење на препораките и навремено реагирање при појава на симптоми.