Промените на кожата понекогаш може да бидат безопасни, а понекогаш бараат итна посета на лекар.




Кога детето ќе развие осип на кожата , сосема е нормално родителите да бидат загрижени за тоа. Во повеќето случаи, првата мисла што се јавува е стравот од потенцијален менингитис или септикемија. Двете состојби главно се предизвикани од бактерии и се многу опасни по живот.




Ники Јуткуз, мајка и извршен директор на австралиската организација за родители Tiny Hearts Education, даде упатства на Инстаграм за тоа на што да се внимава кога родителите се сомневаат дека се работи за осип предизвикан од менингитис.




– Ако вашето дете има осип, цврсто притиснете го и држете го исипот две секунди, а потоа извадете ги прстите. Погледнете дали кожата ја променила бојата. Доколку бојата не се промени, односно остане црвена, треба што поскоро да го однесете детето на лекар – советува оваа мајка.




Додала и дека бледиот осип ја менува бојата поради притисокот , што, вели, е добро, но треба да се внимава на сите други загрижувачки знаци.




– Бојата на кожата која не бледнее и не се менува дури и по притисок е аларм дека детето треба што поскоро да оди на лекар – предупредува оваа мајка, додавајќи дека тоа може да биде знак за присуство на менингокок, или бактерија која предизвикува менингококен менингитис.




Експертите од Фондацијата за истражување на менингитис велат дека осипот може да биде еден од најјасните и најспецифичните знаци на менингококен менингитис и септикемија, ризична состојба која и претходи на сепсата.




Според нив, осипот може да изгледа различно на различни типови на кожа – понекогаш е црвен како убод од комарец, а понекогаш може да се манифестира со виолетови дамки на кожата кои наликуваат на каснувања од болви. Алтернативно, осипот може да изгледа како пурпурно-црвени модринки на кожата.




Експертите потсетуваат дека повеќето пациенти со менингитис и септикемија добиваат осип и дека тоа е симптом кој не треба да се игнорира.
(Telegraf.rs)
