Првиот бил поставен од Павле за епископ на Тарс, а вториот за епископ на Иконија
Светите апостоли Јасон и Сосипатар и девицата Керкира се христијански светители. Првите двајца спаѓаат меѓу Седумдесеттемина апостоли, а девицата Керкира била ќерка на еден цар од островот Крф. Јасон и Сосипатар ги споменува апостол Павле (Рим. 16, 21) и ги нарекува свои роднини. Јасон бил родум од Тарс, како и самиот апостол Павле, а Сосипатар од Ахаја.
Првиот бил поставен од Павле за епископ на Тарс, а вториот за епископ на Иконија. Патувајќи и проповедајќи го Евангелието, овие двајца апостоли стигнале и на островот Крф, каде што успеале да изградат црква во името на свети Стефан Првомаченик и да придобијат некои неверници за Црквата.
Според христијанското предание, царот на тој остров ги фрлил во затвор, каде што биле затворени седум разбојници: Саторниј, Јакишол, Фаустијан, Јануариј, Марсалиј, Ефрасиј и Мамиј.
Овие седуммина апостолите ги преобратиле во христијанство. Кога слушнал за тоа, царот, според преданието, наредил тие седуммина да бидат погубени во врела смола.
Додека царот ги мачел апостолите, неговата ќерка, девицата Керкира, ги гледала нивните страдања од прозорецот. Откако дознала зошто ги мачат, и самата се изјаснила како христијанка и целиот свој накит им го разделила на сиромасите.
Царот се разгневил на својата ќерка и ја затворил во посебна темница. Бидејќи не успеал да ја одврати од Христа, наредил темницата да се запали. Во христијанската традиција се споменува дека темницата изгорела, но Керкира останала жива. Гледајќи го тоа чудо, многу народ се крстил.
Разјарениот цар тогаш наредил неговата ќерка да ја врзат за дрво и да ја убијат со стрели. Оние што поверувале во Христа побегнале од царот на блискиот остров и се сокриле. Царот тргнал со лаѓа да ги фати, но лаѓата потонала во морето и тој загинал.
Новиот цар го примил христијанството, се крстил и го добил името Севастијан. Јасон и Сосипатар слободно го проповедале Евангелието и ја зацврстувале Црквата на Крф до длабока старост. Починале на Крф.
Македонската православна црква ги празнува на 28 април по црковниот, а на 11 мај по грегоријанскиот календар.
Тропар:
„Свети апостоли, молете Го Милостивиот Бог да им дарува прошка на гревовите на нашите души.“
