Православна црква и нејзините верници денес го празнуваат споменот на Преподобниот Павле Тивејски.

Тој бил роден од богати родители во Долна Тива (Тебаида) во Мисир, во времето на царот Декиј. По смртта на родителите, Павле го наследил имотот заедно со својата сестра.

Но неговиот зет, идолопоклоник, посакал да го присвои и Павловиот дел од имотот, па му се заканил дека ќе го предаде на суд како христијанин, доколку не му го отстапи својот дел.

Оваа неправда, но и јуначките примери на саможртвата на христијанските маченици што Павле ги видел со свои очи, силно влијаеле врз него. Тој ѝ го подарил целиот свој дел од имотот на сестра си, а самиот, како сиромав, се повлекол во пустината, каде што се подвизувал сè до својата смрт.

За духовната висина до која достигнал овој голем монах сведочи и свети Антониј Велики, кој еднаш го посетил Павле и видел како ѕверовите и небесните птици му служеле.

По враќањето од таа посета, Антониј им рекол на своите монаси:

„Тешко мене, чеда мои, грешен и лажен монах, што сум монах само по име. Го видов Илија, го видов Јован во пустината, и навистина го видов Павле – во Рајот!“

Свети Павле живеел сто и тринаесет години и мирно се упокоил во Господа во 342 година.

Според народните верувања, денес не треба да се работи на нива и треба да се избегнуваат тешки физички работи.