Православна црква и верниците денес го одбележуваат празникот на Преподобен Евтимиј Велики, светител од 5 век, кој се смета за заштитник на слабите и несреќните луѓе.
Преподобен Евтимиј Велики е роден во ерменскиот град Мелитина, во близина на реката Еуфрат, во семејство на благородни и угледни родители.
Од најрано детство времето го минувал во молитва, а како млад се замонашил и почнал да живее според строгите монашки правила.
По извесно време, околу Евтимиј почнале да се собираат многу ученици, од кои некои подоцна станале исто така познати светители – Киријак Отшелник, Сава Осветен, Теоктист и други.
Голем чудотворец
Преданието вели дека Евтимиј бил голем чудотворец. Се памети дека истерувал демони, лекувал тешки болести, изведувал вода во пустина, умножувал леб и прорекувал.
Ги поучувал своите ученици дека е важен живот исполнет со труд и работа, а запишано е дека велел: „Ако јадете леб без свој труд, тогаш го јадете туѓиот труд“.
Покрај пештерата во која живеел бил изграден манастир, кој долго по неговата смрт бил исполнет со монаси. Според преданието, последната заповед што ја дал пред да почине била манастирската порта никогаш да не се затвора и тоа место да служи како прибежиште и одмор за секој намерник.
Голема почит од народот
Починал во 473 година. На неговиот погреб присуствувал и ерусалимскиот патријарх Анастасиј. Според преданието, патријархот чекал цел ден додека народот му оддавал почит, па дури навечер успеал да ја заврши службата. Се раскажува и дека на седмиот ден по смртта му се јавил на својот ученик Дометијан, светол и радосен како „син на светлината“.
Поради животот посветен на другите и поуката дека човек треба да му помогне и на непознат кога е во неволја, Преподобен Евтимиј Велики и денес се смета за заштитник на слабите и несреќните.
Обичаи за денешниот ден
Бидејќи станува збор за голем светител, се смета дека е голем грев на овој ден да оттурнете просјак од прагот или да одбиете да му помогнете на некој што бара помош.
Според народното верување, ако го направите тоа, ќе го навредите Преподобен Евтимиј Велики и ќе останете без негов благослов, па ништо нема да ви оди од рака.
