Светите маченици Адријан и Наталија биле маж и жена, и двајцата од благороден и богат род од Никомидија.

Православната црква и нејзините верници утре ги слават Светите маченици Адријан и Наталија. Овој ден во црковниот календар е означен со црни букви.

Свети маченици Адријан и Наталија биле маж и жена, од благородно потекло од Никомидија. Адријан бил началник во војводството и незнабожец, додека Наталија била тајна христијанка. Двајцата биле млади и пред мачеништвото живееле само 13 месеци во брак.

Кога злобниот цар Максимилијан ја посетил Никомидија, наредил христијаните да бидат фатени и ставени на маки. Близу градот, во една пештера, се скриле дваесет и тројца христијани, но биле откриени.

Властите веднаш наредиле најпрво да ги бијат со камшици, а потоа да ги фрлат во затвор. Потоа ги извеле од затворот и ги однеле кај началникот Адријан за да им ги запише имињата. Адријан ги набљудувал овие луѓе, кои иако измачени биле трпеливи, мирни и кротки. Ги замолил да му кажат што очекуваат од својот Бог за сите маки што ги поднеле.

Тие зборувале за блаженството што ги чека праведните во Божјото царство. Адријан го слушал тоа, пак ги погледнал и одеднаш му рекол на писарот: „Запиши го и моето име со овие светии, и јас сум христијанин!“

Кога царот го чул тоа, го прашал Адријана дали не полудел, а тој одговорил: „Не сум полудел, туку сум дојден при разумот.“ Разгневен од овие зборови, царот наредил да го оковаат и да го фрлат во затвор, одредувајќи ден кога сите ќе бидат изведени на мачење.

Еден од слугите на Адријан веднаш отишол во неговиот дом и ја известил госпоѓата Наталија за сè. Таа се израдувала кога слушнала дека нејзиниот маж ја спознал вистинската вера. Кога Адријан седел окован во тамницата, таа дошла и им служела на сите, а кога нејзиниот маж го биеле и го мачеле на разни начини, таа го охрабрувала да истрае до крај.

По долги маки и затворање, царот наредил во тамницата да се донесе наковална и со чекан да им се скршат рацете и нозете на сите маченици. Така и било – и Адријан заедно со дваесет и три чесни луѓе ја испуштил душата во страшни маки. Наталија со уште неколку благочестиви жени ги зела нивните тела и ги однела во Цариград, каде што ги погребале чесно.

По неколку дена, кога Наталија заспала, во сон ѝ се јавил Адријан, облечен во светлина и убавина, и ѝ рекол: „Добро е што дојде овде, слугинко Христова и ќерко маченичка, дојди во својот покој, приготвен ти од Господа, дојди и прими ја наградата што ти прилега!“

Се верува дека брачните другари утре треба да запалат свеќа во црква и да се помолат со овие зборови:

„Мачениците Твои, Господи, во своето страдање го примија нераспадливиот венец од Тебе, нашиот Бог, зашто имајќи ја Твојата помош ги победија мачителите, а ја разорија и немоќната дрскост на демоните. Со нивните молитви спаси ги нашите души.“